Шврговски: Спречивме Бајруш да избега!
Државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски останува на ставот дека нивната одлука да поднесат барање за заштита на законитоста до Врховниот суд во случајот со кумановецот Бајруш Сејдиу била навремена и исправна.
„Случајот бараше брза реакција зашто не смеевме да дозволиме тутунскиот бос да избега од куќен притвор. Тој со автомобил ги уриваше наплатните рампи, па нема да избега од дома“, додава Шврговски. Не крие дека е задоволен од одлуката на петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд што го укина решението на скопскиот Апелационен суд, кој претходно ја уважи жалбата на обвинетиот и дозволи замена на притворот со куќен притвор и гаранција од 1,3 милиони евра.
Според Обвинителството, мотивите за поднесување на БЗЗ-то биле тоа што жалба не била дозволена, а жалбениот суд згрешил и кога определил истовремено две мерки - куќен притвор и гаранција во недвижен имот и пари. (Г.Д.) |