Патриша Барбер приреди незаборавно музичко уживање
Викендов се одржа 29. Скопски џез-фестивал
Бојан Шашевски
По официјалното „добредојдовте“ на домаќинот Оливер Белопета, четврточниот старт на 29. издание на фестивалот „Скопски џез-фестивал“ го означи Омар Соса и неговиот „Afreecanos Quartet“ – звучен мост на современите џез влијанија и фолклорното музичко убедување, прелеано во боите на африканскиот континент. Врзувајќи го политичкото со спиритуалното, кубанскиот композитор на присутните во Универзалната сала им ја пренесе сопствената идеја за хуманизмот, персонална експресија низ латино ритмови, пијано импровизации, но и добра доза на етно елементи.
По него, Марија Пија де Вито донесе поинтимна, подлабока и поапстрактна атмосфера. Придружена од пијано, саксофон, бас-гитара, тапани, Италијанката го претстави последниот албум, проектот „Mind the Gap“. На изненадување на многумина, освен што изведе преработка од Џими Хендрикс, вториот гостин на вечерта на македонски јазик ја отпеа „Мамо кој чука на порти“, притоа постојано употребувајќи електронски помагала за манипулација со звук.
Поамбициозните уживатели на џезот по полноќ се преселија во клубот „Хард рок “, а таму Јури Онинг и џез-рок-грув бендот „Wired Paradise“ направија една енергична и еклектична атмосфера. Реномираниот холандски саксофонист ги потврди своите зборови дека џезот не е стил, туку јазик за комуникација со модерните времиња преку музиката.
Оние кои трпеливо го чекаа тројниот добитник на „Греми“, американецот Лери Карлтон, конечно го дочекаа во петокот. Вистински празник за трагачите по џез-рок-фјужн концептот. Гитарскиот алхемичар не ја остави рамнодушна многубројната публика во Универзална, басистот Тревис Карлтон и тапанарот Џин Којл маестрално асистираа во креирањето на концертното доживување, па воопшто не беше чудно што публиката две-три минути стоеја и ракоплескаа пред и по бисот на триото.
Дека е ова вечер на мајсторите на жичаните инструменти, покажа и настапот на Хамилтон де Холанда. Бразилецот демонстрираше врвна техника на бандолинот – неконвенционална десетжичана мандолина. Освен што им се заблагодари на присутните на македонски јазик, „Холанда квинтет“ успеа сосема емотивно да го пренесе автентичниот бразилски шмек. Мошне инспиративно и виртуозно полифонично музицирање...
Почетокот на концертите, односно „секојдневното“ доцнење на посетителите на фестивалот го пролонгираа и настапот на Пола Мореленбаум. Сепак, гладните за боса-новата ја почувствуваа магијата на Бразилката. За разлика од почетната вечер, овој пат клубот „Хард рок“ вриеше од луѓе. Во свој манир, позитивно и весело, пејачката главно претставуваше теми од нејзините два последни, самостојни албуми „Берилинбаум“ и „Телецотецо“.
Најавени како „биг - бенд кој најдобро функционира на сцена во живо“, „Flat Earth Society“ во саботата вечер и го потврдија тоа, импресионирајќи ја публиката со својот настап, исполнет со голема харизматичност на 15 членови на сцена кои мошне прецизно но и со доза на луцидност, исполнуваа различни типови на музика, користејќи низа невобичаени ефекти.
Квартетот на пијанистката Патриша Барбер кој настапи по нив, на моменти ја оставаше без здив публиката која уживаше во исклучително моќниот настап во кој, нејзиниот фасцинантен глас и звуците на пијаното, беа незаборавни сегменти за паметење.
Чикашкиот колектив „The Ethnics“ направија незаборавно, интензивно шоу, а Нона Хендрикс и Кахил Ел’Забар постојано комуницираа и пееја со размрданите гости во „Хард рок“. Енергичната пејачка од „LaBelle Fame“ неуморно играше на сцената, околу неа, па дури и низ првите редови од публика пред бината. Проектот „Авант хаус“ на легендарните Забар, Доукинс, Вилкинс и фузијата фанк, соул и џез беше примен со задоволство, довикување и непретенциозно одавање на музиката од насобраната река луѓе.
Познато е дека норвешката вечер е редовна станица од репертоарот на „Скопје џез-фестивал“. Веќе традиционално, скандинавците ја одбележуваат повеќегодишната манифестација , па така, синоќа во МОБ, но и во клубот „Хард рок“, настапи дуото Твегне Сеим и Фроде Халтли, Терје Пипдал со седумнаесетчлениот „Берген биг бенд“ и џез-панк составот „Аронас“. |