„Златна камера 300“ за иранскиот филм „Жени без мажи“
Фантастична завршница на 31. издание на „Браќа Манаки“, која само докажа дека годинава Фестивалот навистина отвори една сосема нова страница
Сунчица Уневска
Триесет и првото издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ се затвори во петокот во убава атмосфера, салата во битолскиот Дом на културата повторно беше преполна, покрај легендарниот Вилмош Жигмонд тука беше и вториот годинашен добитник, британскиот директор на фотографија Роџер Прат и што е најважно, тука беа сите оние кои беа наградени (освен еден кој замина порано), за лично да ги примат своите награди. Сето тоа му даде навистина посебен шмек на фестивалот и завршница, која само го потврди она што годинава „Браќа Манаки“ го направи, а тоа е вистински филмски фестивал на рангот, слободно можеме да речеме, на оние од средна категорија.
„Златната камера 300“ годинава му припадна на австрискиот директор на фотографија Мартин Гшлахт за иранскиот филм „Жени без мажи“ на Ширин Нешат. Беноа Деби ја доби „Сребрената камера 300“ за филмот на Гаспар Ное „Влез во празно“, додека „Бронзената камера 300“ отиде кај израелскиот директор на фотографија Гјора Беах за ремек-делото „Либан“ на Семјуел Маоз.
Лауреатот на наградата за животно дело, Вилмош Жигмонд, кој годинава го предводеше и жирито, му ја врачи наградата на Гшлахт, за чиј филм рече дека имал се' што тој посакувал во еден филм да направи и дека е фасцинантно неговото комплексно осветлување и ефектот што го постигнува. Во образложението на шестчленото жири, во кое годинава беше и македонскиот режисер Дарко Митревски, се вели: „Ако некогаш во филмот постоело совршено осветлување и композиција, тогаш овој филм ’Жени без мажи‘ покажува што може со тоа да се направи. Филмот користи стари и нови техники на исцртување на атмосферата во минатото и во сегашноста во една специфична политичка ситуација во која се наоѓа нацијата“. Инаку, „Жени без мажи“ е деби на иранската уметничка и фотограф Ширин Нешат, чиј филм се осврнува на 1953 година во Иран, во времето на државниот удар, концентрирајќи се на судбините на четири жени...
Беноа Деби беше во Битола, но не остана до крајот, па тоа беше единствената награда која ја прими Најџел Вотерс, претседател на Европската федерација на директори на фотографија ИМАГО. Филмот „Влез во празно“ на контроверзниот Гаспар Ное претставува таков неверојатен визуелен експеримент, што секако се очекуваше дека ќе освои една од наградите. Филмот на Ное, кој го гледа светот во Токио низ очите на починатиот препродавач на дрога, кој не сака да замине од овој свет, не помина којзнае како во Кан, но во поглед на камерата тоа е дефинитивно еден од посилните остварувања што оваа година ги имавме во Битола. „Слободата на креативноста значи да се делува меѓу границите, а директорот на фотографија и режисерот во овој филм креирале нов, непознат свет“, рекоа членовите на жирито.
„Либан“, филмот на Семјуел Маоз за либанската војна во 1982 година, е всушност, направен по неговото лично искуство. Филмот е снимен целосно од внатрешноста на еден тенк, но не само во поглед на неверојатната камера зад која стои Гјора Беах, туку тоа е исклучително целовито дело во секој аспект од филмот. Наградата на Гјора Беах му ја врачи Дарко Митревски, кој нагласи дека директорот на фотографија во овој филм имал навистина предизвикувачка обврска, дека морал да смисли многу креативни идеи со осветлувањето, а сето тоа во многу исцрпувачки услови.
Главното жири ја додели и малата “Златна камера 300“ во компетицијата на кратки филмови, која му припадна на францускиот филм „Почетокот на зимата“, кој ја обработува актуелната тема на злоупотреба на млади. Режијата е на Ерик Жирадо, а директор на фотографија е Тиери Годфри.
Во програмата „Нови визии“ награда понесе и годинешниот бисер „Пал Адриен“, иако оваа програма, која годинава се одржа по втор пат, не е компетитивна. Наградата за високо уметничко достигнување, која ја доделува градот Битола, му припадна на унгарскиот директор на фотографија Адам Филенц, за неговата виртуозност во водење на оваа особена приказна за една медицинска сестра која работи во мртовечница. Филмот на талентираната Агнеш Кочиш одушевува со пристапот и сторијата за еден толку реален лик, кој како да е преземен од стварноста, како и самооткривањата и пресвртот што во него се случува, а доловен низ ритамот и боите на фотографијата толку автентично и силно.
Холандскиот директор на фотографија Даниел Буке, кој дојде со дебито на Урсула Антонијак „Ништо лично“, ја доби наградата на постпродукциското студио „Фокс Фокус“ од Унгарија, додека специјалната „Камера 300“ за развој на светската филмска индустрија, која ја доделува „Мосфилм“, ја доби Кристофер Бокарне од Франција за филмот „Господин Никој“.
Интересно беше дека амбасадорот Филип Рикер на затворањето на „Браќа Манаки“ му додели на Вилмош Жигмонд, кој по потекло е Унгарец со долгогодишна работа во Америка, награда за „Културна дипломатија“. На тоа Жигмонд рече, дека иако цело време работи во Америка, сепак, тука го најдоа за да му ја врачат оваа награда.
Годинава Фестивалот „Браќа Манаки“ заедно со партнерот ВИП оператор, дефинитивно, го подигнаа многу нивото на ова фестивалско издание, што беше и тоа како видливо, и придонесе за еден сосем поинаков имиџ. И Детската програма која се воведе заедно со ВИП оваа година беше полн погодок и наиде на одличен одѕив во градот. Битола седум дена живееше во знакот на фестивалот, а тоа беше она што со години го посакувавме и што годинава навистина се оствари. |