Ивана Настески во светот на европските трендови на графиката
Гојко Ефтоски
Тетово – Учество на пет меѓународни ликовни колонии за само три месеци, од кои дури на четири како единствена од Македонија, во конкуренција на светски ликовни имиња, претставува голем предизвик, а истовремено и признание за младата графичарка од Тетово м-р Ивана Настески. На овој начин таа го надградува својот талент и стекнато знаење со меѓународно искуство во светот на европските трендови во графиката. Нејзини дестинации беа Белград и Шабац (Србија), Бања Лука и Вишеград (БиХ) и Алба (Романија). Од секаде пофалби и признанија за тетовката Ивана Настески, која во 2004 година дипломирала на ФЛУ на отсекот графика, а пет години подоцна за стекнување звање магистер настапува со изложба во Чифте-амам во Скопје и успешно ја одбранува темата „Критички знаци – средба со светови“. За творештвото на Ивана Настески, проф. д-р Кирил Темков ќе запише: „Младата македонска графичарка Ивана Настески е ентузијаст која животната радост ја претвора во уметнички дела. Има исклучива моќ преку убавина да ги соопшти сите ставови и соништа. Делата и се оригинални графички листови исполнети со занес и цврсти погледи. Преокупирана е со минатото, митовите, верувањата, карпите – престари модели како извор и поттик за нејзината современа интернационална комуникација“.
Ивана Настески полна е со импресии за сите пет претстои. Тврди дека било напорно, но истовремено и забавно и значајно. „Бањалучката колонија беше со еко-содржина, ретка, ако не и единствена на Балканот. Годинава се одржа по 17. пат под мотото ’Да го спречиме ефектот на стаклена градина, а заврши со заедничка изложба на сите учесници – сликари и графичари‘. Во Вишеград, градот на големиот Иво Андриќ, имало уште помасовно учество и од значително поголем број земји. Настески ги споменува своите колеги од Канада, Јапонија, Кина, Данска, Република Српска, Хрватска, Србија... Во Белград, домаќин бил Графичкиот колектив, а на изложбата биле претставени графики од голем и мал формат.
„Во Шабац, пак, својата земја ја претставував со графики од голем формат. Таму учествуваа и сликари. Манифестацијата има најстари корени на Балканот, а се одржува со наслов „Октомвриски салон“, што се одржа овој месец“, вели Настески. За колонијата во Алба во Романија, Настески смета дека била најмасовна и со претставници речиси од сите континенти. Македонија ја претставувале шестмина графичари, а изложбата, која се уште била во тек, содржела околу 500 слики и графити. |