Поништена пресудата за армиското оружје
Врховниот суд бара ново судење и обезбедување дополнителни докази
Гордана Дувњак Љубиша Станковиќ
Врховниот суд ја поништил пресудата за случајот „Армиско оружје“ и предметот го враќа на повторно одлучување во Кривичниот суд, неофицијално дознаваме од извори во највисокиот суд во државата. Извори за „Утрински весник“ потврдуваат дека одлуката е веќе донесена, но се' уште не е вратена назад во првостепениот суд.
Како причина се наведуваат „сериозни пропусти во изготвената првостепена пресуда“, поради што има потреба од обезбедување дополнителни докази. Неофицијално дознаваме дека врховните судии не виделе ни елементи на кривично дело во целиот случај, бидејќи во конкретниот предмет станува збор за донација на оружје од НАТО, за која не може да се утврди точната вредност, а со тоа и направената штета. Но, ваквата информација вчера никој директно не сакаше да ја потврди.
Апелациониот суд во Скопје во мај годинава ја потврди првостепената пресуда што кон средината на јули минатата година ја изрече Основниот суд Скопје 1, а се однесуваше на продажбата на армиското оружје на бугарската компанија „Емко ЛТД“. Ова значеше дека за осумтемина обвинети за случајот „Армиско оружје“ беа потврдени казните затвор во вкупно времетраење од 17 години затвор.
Највисока казна, од по четири години затвор, добија Нелко Менкиновски, раководител на Секторот за логистика и советникот Виктор Раички, командантот на Командата за логистика, полковникот Илија Шкордовски доби три години затвор. Управителот на Специјална опрема при Металскиот завод во Скопје, Глигор Стојанов, беше осуден на две години затвор. Четворицата беа осудени за злоупотреба на службената должност. Проценувачите на оружјето, Владимир Лазаров и Блажо Копачев, како и началникот на Одделението за снабдување и транспорт во Г-4 на Генералштабот на АРМ, Митко Рафајловски, и началникот на штабот на Командата за обука во Велес, Тони Поповски, добија условни казни од по една година за фалсификување документи. Тие нема да ја одлежат затворската казна ако во наредните три години не направат ново кривично дело. Обвинетите, според обвинението, ја оштетиле државата за 690.000 американски долари.
Откако беше донесена првостепената пресуда, адвокатите на сите обвинети бараа ново судење и тврдеа дека во случајот нема ништо спорно. Според нивните докази, оружјето не било ново, туку амортизирано и неговата вредност била десетина пати пониска од цената посочена во обвинението.
На судењето на вработените во АРМ, во својство на сведоци се појавија тројца поранешни министри за одбрана, актуелниот началник на Генералштабот на Армијата, генералот Мирослав Стојановски, и експертот за оружје Петар Шкрбина. Речиси сите повикани, исто како и обвинетите, беа на мислење дека во конкретниов случај не станува збор за шверц на оружје, туку за ослободување од неперспективно оружје кое не е согласно со НАТО-стандардите и дека за донираните митралези, по продажбата, државата ќе остварела добивка од 200.000 американски долари. Со вакви тврдења излегоа поранешните министри за одбрана, Владо Бучковски и Јован Манасиевски.
Владо Бучковски посведочи дека за конкретната продажба постоела одлука на владата и токму поради тоа не постоела можност Генералштабот да бил инволвиран во шверц. Тој продажбата ја нарече: „Легално тргување со бесперспективно оружје“.
За тоа дали државата била финансиски оштетена или не, најконкретен одговор беше даден од експертот Петар Шкрбина, кој рече дека цената од 300 долари за парче за подарените митралези претставува „неверојатно добра цена“.
Првостепениот суд најголема доверба му укажа на вештото лице кое тврдеше дека цената е премала и дека постои штета за државата. Ваквите тврдења на вештакот ги побиваа бранителите на обвинетите, со тоа што тие докажаа дека вештачењето било направено од веб-страница која се однесува на воени игри, но и со тоа што потврдија дека човекот првпат се нашол во ситуација да вештачи оружје, бидејќи станува збор за економист.
МВР на 14 декември 2006 година, на излезот од Скопје, во три бугарски камиони заплени 300 парчиња митралези со калибар од 7,62 милиметри и 33 минофрлачи со калибар од 120 милиметри. Всушност, до денеска остана нејасно каде точно се случила заплената на камионите, но, по се' изгледа дека тоа било или во објектите на МЗТ или некаде во непосредна околина на фабриката. Нејасно и неодговорено остана прашањето за првите три транспорти со оружје за Бугарија, а кои поминаа без проблем преку државните граници и за потребите на „Емко ЛТД“, како краен корисник. |