Поглед
Скриени бранители
Билјана Ангеловска
„Македонските бранители“ од 2001 година останаа скриени. Нивното доаѓање од Загреб не беше како што заслужуваат и онака како што се бореа, храбро и отворено, не криејќи се зад грмушките на Шара. Овој пат бранителите стигнаа инкогнито, во најголема тајност (а можеби намерата беше да биде во дискреција!) Споменикот на бранителите директно од загрепската леарница се најде во магацин. И ќе остане таму додека не дојде погоден моментот да биде изложен пред очите на граѓаните. Онака, како што му личи на едно спомен-обележје кое треба да биде симбол на изгубени животи. Но, споменикот, а уште помалку оние чија жртва би требало да ја симболизира уметничкото дело, не го заслужуваат тоа. Да зеленее во влажни хангари додека да го види светлината на денот. Да чека да се смират коалициските партнери во власта, да ги надминат недоразбирањата, да ги смират тензиите. Тогаш ќе бил вистинскиот момент. Дури тогаш ќе можело да се постави споменикот, а никој да не се чувствува навреден, омаловажен, обесправен.
Покрај толку многу споменици, згради, барок, обележјето на бранителите е најнеспорно. Државата им изгради паметник за да им се заблагодари за храброста. Но, се сопна на последниот чекор, токму кога требаше да го постави споменикот. За да има мир во бракот, попушти посилниот „партнер“. Повторно грижејќи се само за сопствените интереси, лицемерно потклекна под заканата на „послабиот“, кој по којзнае кој пат покажа дека, сепак, има доволно сила да го раскине бракот секогаш кога ќе посака.
Македонските бранители уште еднаш се почувствуваа изиграни. И оние што ги дадоа своите животи и нивните најблиски, но и оние што останаа на живо да сведочат за конфликтот во 2001. |