Грците со контраудар за гевгелискиот „Лас Вегас“
Грчките казина воведуваат турнири во покер за да ги вратат своите коцкари во земјата
Атина - Грчките казина почнуваат со нови тактики и воведување покер игри со цел да ги вратат назад грчките коцкари кои ги преферираат казината во Гевгелија. Главен ас во стратегиската игра им е воведувањето турнири за „Тексас холдем“, игра која до неодамна беше нелегална за казината во Грција. Како што пренесува грчкиот весник „То вима“, казината во Грција едно по едно почнуваат да организираат турнири во покер за „Тексас холдем“, со што им парираат на големите казина на македонско-грчката граница, но на тој начин се обидуваат и поагресивно да го промовираат покер-туризмот во Грција.
Еден кипарски студент од Солун, кој најмалку два пати неделно доаѓал во Гевгелија, во изјава за весникот „То вима“ вели дека до скоро заедно со голем дел од грчките граѓани кои се наклонети кон играње „Тексас холдем“ ги имале само гевгелиските казина како опција за играње. Сепак, како што забел��жува тој, покрај страсните играчи во комбињата што заминуваат од Солун за Гевгелија, неретко може да се најдат и такви што сакаат само да ги искористат бесплатните бенефити кои гевгелиските казина им ги нудат на играчите.
Еден од организаторите на турнирите во покер во казната во Гевгелија, која за Грците веќе е етаблирана како балкански Лас Вегас, вели дека интересот е огромен за „Тексас холдем“ покер меѓу грчките граѓани. Причината за тоа е големата популарност на играта, пред се', кај помладите поради нејзината експанзија на Интернет. Организаторот од гевгелиското казино, кој не е именуван, истакнува дека никогаш немале проблем да организираат тури од Солун за турнирите во „Тексас холдем“ во Гевгелија.
Меѓутоа, токму оваа популарна игра, која до неодамна ја имаа ексклузивно нашите казина, со воведувањето во грчките може да биде причина Гевгелија потенцијално да изгуби дел од играчите. Според „То вима“, грчките казина од неодамна успеале да издејствуваат дозвола за организаирање турнири во „Техсас холдем“, со што се обидуваат да вратат назад голем дел од граѓаните што ја одбираат Гевгелија пред казината во Солун. Прво казино кое вовело турнири во „Тексас холдем“ во Грција е познатото казино во Лутраки, град на само 40 минути од Атина, а неговиот пример го следат и казината во Солун, Родос и Панрнита. Јоргос Теофанопулос, коментатор за телевизиските турнири во покер, во интервју за весникот „То вима“ забележува дека турнирите во живо во грчките казина започнуваат да заживуваат и се надева дека во иднина работите ќе одат уште подобро, бидејќи во Грција сега се создава маса од играчи кои ги учат триковите на „Тексас холдем“. Втор фактор за зголемување на играчите во казината е возраста на оние кои сега се најмногу активни за овој вид покер, односно младите од 18 години, кои ќе мора да почекаат и да наполнат 23 години за да може легално да играат во грчките казина.
Сепак и покрај воведувањето нови игри во грчките казина, долгогодишниот одличен однос спрема клиентите и големиот број бесплатни услуги што им се нудат на играчите, како што се бесплатна храна, забава и ноќевање, се причина што голем дел од нив се' уште се одлучуваат неколкупати во неделата да патуваат до Гевгелија. Гевгелиските казина се' уште нудат голем дијапазон на игри што ги нема во грчките, како што е, на пример, „Омаха покер“, кој според играчите нуди и поголеми шанси за победа и парични добивки од „Тексас холдем“.
Покер-туризмот од кој добро се живее во Гевгелија е следна цел за која размислуваат сопствениците на грчките казина. Во интервју за „То вима“, менаџерот на казиното во Лутраки вели дека планираат организирање европски турнир во покер наесен со околу 2.000 меѓународни играчи, што заедно со останатите играчи во тој период може значително да придонесе за зголемени приходи од ноќевања во хотели, ресторани, купување сувенири во период надвор од туристичката сезона. (М.П.) |