Мислења
Украдоа булевар!
Мирослав Грчев
Ние сме полумртво општество, бидејќи незаинтересирани проследивме како Владата и Центар буквално го крадат булеварот „Македонија“
Кога ќе поттурнете со врвот од чевелот човек легнат ничкум на земја ако протестира поради вознемирувањето - се работи за реакција на нормален и здрав човек. Доколку поттурнатиот остане да лежи и реагира со јачење - тој сигурно е во голема неволја, но ако не испушти ни глас, се работи за тешка болест или смрт. Кога целиот корпус институции на системот и целата јавност, без реакција или со едвај чујно јачење ќе дозволат кршење на уставниот поредок и грабеж на најважната сообраќајна магистрала во престолнината, тоа со сигурност значи дека македонската демократија лежи во претсмртна агонија. Лежи таа и тапо гледа, со тажен и отсутен кравји поглед, како ја гази и убива група машки деца од врвот на ДПМНЕ.
Ние сме веќе полумртво општество, бидејќи со уморни и незаинтересирани погледи проследивме како Владата и Советот на Општина Центар донесоа измени на Деталниот урбанистички план за Стара железничка станица со кои буквално го крадат и уништуваат булеварот „Македонија“. Булеварот, кој во Генералниот урбанистички план е наменет за експресна магистрална сообраќајница, во измените на Деталниот урбанистички план се отуѓува во должина од 1.000 метри, а на негово место се формира огромна и урбанистички невозможна градежна парцела (1.000/36м!) за комерцијално-деловна градба со височина од 16 до 23 метри. Кражбата на општонародното земјиште се врши, веројатно, за познат купувач што имал обврска да го изгради булеварот под својот објект и да му го отстапи на Градот Скопје, како знак на добра волја!?
Претпоставувам дека на безумниците кои со детален урбанистички план менуваат генерален урбанистички план ништо не им значи фактот дека историјата на градовите не познава практика на сообраќајните правци да се градат комерцијални градби со кои се уништува сев��еменската функција на транспортниот коридор. Сигурно не им паднало в очи и дека Виа Игнација и сите римски улични и патни правци се функционални и ден денес? Веројатно не им е битно огромното значење кое овој сообраќаен коридор го има за цело Скопје, а кое потекнува од неговата историја. Имено, правецот постои од деветнаесеттиот век, кога е пробиен како железнички коридор. Во урбанистичкиот план за обнова на Скопје по земјотресот, 1965 година, коридорот е претворен во магистрална сообраќајница, а неговото клучно значење за градот е потврдено во сообраќајните решенија - во генералните урбанистички планови на Скопје од 1985 и 2002 година. Конечно, денес, група повторувачи - без око да им трепне - ќе го украдат булеварот и ќе го продадат на црно за буре кисела зелка, уништувајќи ја при тоа сообраќајната иднина на Скопје, кршејќи го Уставот, дузина законски одредби и сите стручни урбанистички стандарди.
На извршителите не им е важно кои закони ги прекршиле додека го краделе булеварот и кои ќе бидат последиците од ова криминално дело. Но, потенцијалните купувачи и инвеститори на објектот со булевар во визбата можеби ќе ги интересира фактот дека зделката е противзаконска и дека - еден ден, кога ќе се воспостави правната држава во Македонија - нивната инвестиција ќе се третира како бесправна градба. На заинтересираните инвеститори треба да им се објасни дека цените на земјиштето ќе бидат пониски од вистинската вредност на булеварот само и исклучиво поради фактот што тоа ќе се продава како крадена стока. Знаејќи ги законските консеквенции на нивната „доходовна“ инвестиција, можеби ќе одбијат да бидат соучесници во овој урбанистички криминал. За поткрепа ќе набројам неколку прекршувања на законите и на Уставот.
Измените се спротивни на Генералниот урбанистички план на град Скопје, зашто во него булеварот е уреден како површинска сообраќајница со единствена сообраќајна намена. Согласноста на Деталниот урбанистички план со Генералниот е фундаментален принцип на урбанистичкото планирање, уреден во членовите 8 и 51 од Уставот на РМ и во членовите 2 и 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, па менувањето на намената на булеварот во детален урбанистички план, можеби е најтешко прекршување на планерското законодавство. Измените на планот се неуставни и затоа што Советот на Општина Центар воопшто не е надлежен да одлучува за примарната сообраќајна мрежа, туку само за секундарната, што е уредено во член 10 од Законот за Град Скопје. Уште повеќе, измените не смеат да содржат плански одредби за менување на примарната сообраќајна мрежа, туку само и исклучиво на секундарната (член 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање). Здодевно четиво? Еве тогаш нешто „забавно“ за крај: Советот на Општина Центар ги донесе измените на планот по ИСТАТА НЕЗАКОНСКА СКРАТЕНА ПОСТАПКА која беше основа Уставниот суд да ги укине измените на Деталниот урбанистички план за Малиот ринг, пред само два месеца!?!
Колку многу овие луѓе треба да се заслепени и корумпирани од апсолутната власт, па да не можат да сфатат, запаметат и спроведат три члена од еден закон? Или, можеби сметаат дека спроведувањето на законите и домаќинското расудување ќе им ја наруши аурата на ефикасност - која со долгогодишно глупочинење „макотрпно“ ја стекнале? Не знам и не можам да знам зашто глупоста е недофатна за инструментите на рационалната мисла. Сепак, чувството на залудност пред ефикасната ирационалност на власта, со која таа го демонтира уставниот поредок, нема да ме спречи (и овој пат) да поднесам до Уставен суд иницијатива за оценување на законитоста на овие безумни измени на Деталниот урбанистички план за Стара железничка станица.
Додека пишувам за овие јавни, пучистички кршења на законите, не можам да се одбранам од чувството на мачнина, она истото што го чувствува секој нормален човек кого случајот го направил немоќен сведок на брутално насилство. Сведок на сцена во која група машки деца со генетички недостиг на човештина клоцаат в лице немоќна жртва и со пети му го избиваат животот од гради. Гадењето се зголемува од фактот што паралелно со политиката на ДПМНЕ јавно и арогантно - пред два милиона сведоци - да го крши Уставот, и понатаму упорно се игра гротескна претстава со божемско почитување на законите и процедурите. Зошто им е воопшто потребен тој циркус околу донесувањето планови и други „законски процедури“, кога не успеваат да „вметнат во закон“ буквално ни еден плански документ, законско решение или проектна документац��ја?
Се работи за истата психопатска потреба од креирање лажна стварност која ја имале сите автократски системи. Мора да се работи за истото искривено огледало во кое тие секогаш испаѓаат убави и чесни, за истиот мизансцен и кулиси што им го овозможуваат неопходното губење на чувството за стварност. Недостигот од чувство за реалност во почетокот на автократите им ја зголемува харизмата и со илузија дека се пророци, но подоцна, оваа блажена заблуда го забрзува нивниот неизбежен крај и, парадоксално, ја зголемува општата штета од нивното владеење.
(Авторот е универзитетски професор) |