Франција ја очекува Македонија во ЕУ, вели амбасадорот Валеро
Македонија нема план Б, туку само план А, а тоа е еден ден да стане дел од европското семејство. Тоа е нашата стратегиска визија за регионот и уверени сме дека доколку сите реформи за остварување на оваа цел се исполнети, целиот Балкан еден ден може да биде дел од Европската унија, изјави амбасадорот на Франција во Македонија, Бернар Валеро, во интервјуто за Радио Слободна Европа. Една од најважните цели за Македонија оваа година е да добие датум за почеток на преговорите со Унијата. Прво, не е Франција таа што ќе игра важна улога во овој процес, туку Комисијата. Таа на крајот на октомври и во почетокот на ноември ќе го објави годишниот извештај во кој или ќе има или ќе нема препорака за почеток на преговорите. Тоа е првиот приоритет за новата влада. Значи дека во следниот краток период таа треба да ја убеди Европската комисија и да покаже дека земјата треба да добие позитивна препорака од неа.
На прашањето дали личниот став на претседателот Никола Саркози го отсликува и официјалниот став на владата на Франција за прашањето за името, Валеро вели дека кога претседател на некоја земја, во случајот на Франција, неколку пати јавно го кажува својот став во однос на ова прашање, тоа не значи дека ова го прави на лична основа, туку дека го изразува официјалниот став на земјата. А нашата позиција е многу јасна, нагласува тој. Тоа не е позиција на непријателство во однос на Македонија, напротив, ќе бидеме многу задоволни ако се најде решение, изјави амбасадорот Бернар Валеро. (Д.Р.) |