Некој во Бангладеш, некој во Шведска!
Перцепцијата на премиерот Никола Груевски и реалната слика за состојбите во државата, според опозицијата, се разликуваат светлосни години. И додека премиерот зборува за инвестиции, прогрес и дострели на сите полиња, народот живее во беда и сиромаштија. Генералниот секретар на СДСМ, пратеникот Андреј Петров, имал впечаток како да живееме во две различни држави. „Ние во Бангладеш, а вие во Шведска“, му рече тој на премиерот на вчерашната седница за пратенички прашања откако внимателно го ислуша. Убеден дека проблемот на Груевски е што тој нема приоритети и во ситуација кога во државата нема ниту една фабрика се луксузира со споменици.
Критикувајќи го премиерот, тој рече дека Груевски не ја говорел вистината кога кажал дека проектот „Скопје 2014“ ќе чини 80 милиони евра. „Преку Бирото за јавни набавки е евидентирано дека досега се потрошени 130 милиони евра. Сега е објавен и податокот дека споменикот на Филип Втори ќе чини дополнителни три милиони евра“, кажа Петров. Притоа, тој додаде дека не му е јасно што ќе слави Груевски со Триумфалната порта и самиот заклучи: сиромаштијата!
Премиерот тврдеше дека опозицијата намерно ги извртува работите, а вистината е дека спомениците се само мало делче од многуте инвестиции. Уверен е дека тоа го прави од злоба, бидејќи и' е криво затоа што во времето на СДСМ не се градело ништо. „Нема поле каде што нема крупни инвестиции. Жал ми е што сте се фатиле за неколку споменици. Имаше период кога 50 години не се финансираше ништо. Тоа е мал сегмент од големата палета инвестиции.
Владата води политика на инвестирање во низа проекти: енергетика, патната инфраструктура, изградба на водоводи, канализациски системи, тех��олошко-индустриски развојни зони... Имаме бројни инвестиции во дејностите што беа целосно запоставени од претходната власт: образование, здравство, земјоделство“, нагласи премиерот, додавајќи дека Владата води здрава фискална политика и дека оваа година имаме помал буџетски дефицит од минатата. (О.В.) |