Случајот „Сопот“ на поправен во ноември
Дали единаесетмината осудени ќе успеат да докажат дека не се виновни
Гордана Дувњак
Се спојуваат раздвоените постапки од скопскиот и кумановскиот основен суд за случајот „Сопот“. Повторениот судски процес за единаесеттемина жители од кумановски „Сопот“, кои се товарат дека поставиле противтенковска мина во 2003 година, кога загинаа двајца војници на НАТО и еден цивил, а двајца беа повредени, ќе го води скопскиот Кривичен суд. Ваквата одлука е донесена, затоа што станува збор за ист кривично правен настан, за исти сторители, како и за кривично дело од областа на организираниот криминал.
Веста вчера ја потврдија во скопска „единица“, каде што ни беше речено дека предметот го добил во работа судијата Јани Нича. Како што не' информираше судијата задолжен за односи со јавноста, Владимир Туфегџиќ, донесеното решение за спојувањето на постапката веќе им е испратено и на странк��те. Судијата што го води предметот побарал од МВР и да се направи нова проверка околу тоа колку од осудените лица се наоѓаат во бегство. За времетраењето на судската постапка, шест лица не им беа достапни на органите на правдата. Моментно, во куќен притвор се наоѓаат четири лица на кои им беше судено во кумановскиот суд, како и едно лице од скопскиот процес. По добивањето на повратните информации, судијата ќе го закаже конкретниот термин за судење, кој се планира во средината на идниот месец.
До повторување на постапката дојде откако во јули оваа година скопскиот Апелационен суд одлучи да ги прифати жалбите на седумтемина осудени (шестмина се во бегство) во случајот „Сопот“. Жалбениот суд реши да го укине првостепеното решение на скопска „единица“ и го врати на повторно одлучување, со кое претходно еднаш веќе беше одбиено барањето за нов судски процес.
Кривичниот совет на скопскиот Апелационен суд ја прифати жалбата на обвинетите, бидејќи оцениле дека постојат суштествени повреди во постапката и фактите не кореспондирале со фактичката состојба. Апелационите судии сметале дека не било земено предвид ни начелото за поповолна пресуда за осудените, која веќе била изречена во кумановскиот суд, кој дозволил повторување на постапката.
Случајот „Сопот“ предизвика големи контроверзии, во кој се испреплетуваа политиката и правото. Крунскиот доказ за повторување на постапката беше повлечената изјава на еден од сведоците, кој сега тврди дека ја дал претходната изјава под полициски притисок. Единаесеттемина обвинети претходно беа осудени на вкупна затворска казна над 150 години.
Овој случај, заедно со четирите хашки случаи и статусот на борците на ОНА, беше едно од барањата кои лидерот на ДУИ, Али Ахмети, редовно му ги испорачува на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Своевремено, случајот „Сопот“ се најде и пред највисокиот законодавен дом во државата. Беше формирана и анкетна комисија, каде што како сведок се појави и поранешниот прв човек на НАТО во Македонија, Николас Бигман. По завршувањето на постапката, беше донесен заклучок - да се испитаат можностите за повторување на судскиот процес врз основа на новите докази. |