ДУИ обвинува за лудило
Жител на Порој го достави Досието „Ибар“ во комисијата за лустрација
Светлана Унковска
Вицепремиерот и потпретседател на ДУИ, Абдулаким Адеми, вчера изјави дека објавувањето на досието „Ибар“ има цел да ја дискредитира личноста на партискиот лидер, Али Ахмети. Според него, се работи за директен напад врз угледот на Ахмети од една група луѓе кои се членови на одредена партија.
„Ова е директна војна за да се дискредитира делото и личноста на основачот на ОВК и на ОНА, успесите на двете албански војски и воопшто светлата историја на албанскиот народ и успесите на нашиот лидер Ахмети и неговите соработници. Ова не може да се оцени поинаку, освен како ментална состојба на една група луѓе во раководството на една политичка партија и нивните ментори“, рече Адеми. Тој наведе дека за да се обвини Ахмети за такво нешто, „треба да се биде во тешка ментална состојба или да се има огромен долг кон службите во регионот“.
Ова е прва поостра реакција на ДУИ откако деновиве беше објавено досието со псевдоним „Ибар“. Досега ДУИ многу млако возвраќаше на нападите во врска со четирите досиеја. Откако беа објавени досиејата, ниту еднаш не е свикан состанок на највисоките партиски тела и не е расправано за овие случувања, ниту, пак, во скоро време се најавува состанок на партиските органи. Партиските функционери не знаат дали нивниот лидер Али Ахмети воопшто планира пред нив да го отвори прашањето за досиејата и да се утврди стратегијата како ќе се постапува понатаму. Наместо тоа, ДУИ е презафатена со промоцијата на нивниот кандидат за вонредните локални избори во Зајас, Мусли Муслиу.
Освен вчерашната поостра реакција на Адеми, ДУИ испрати и соопштение во кое се тврди тврдат дека „сето ова е резултат на одредени структури што фабрикуваат досиеја и со тоа сакаат да предизвикаат раскол меѓу албанскиот народ“.
„Ова што се случува деновиве со таканаречените досиеја, што се фабрикувани од лабораториите на отпадоците на антиалбанската политика, ја поминува секоја граница, прекршува секакви човекови норми и урива секоја теза на границата на лудоста. Тие овој пат во нивната лудост се надминаа и себеси“, стои во соопштението на ДУИ.
|