Се подготвуваат лопатите за Карпошовото востание
Во новата градежна офанзива за „Скопје 2014“ е планиран и споменикот на паднатите херои
Комплексот „Карпошово востание“, Мостот на уметноста и грандиозниот споменик на Паднатите херои се новата тура градби од „Скопје 2014“, кои се очекува да почнат да се градат до крајот на годинава. Општина Центар веќе бара изведувач за нив, а истовремено очекува да избере и стручен надзор за градилиштата. Општинарите засега не можат да го прецизираат стартот на градежните работи, но потврдуваат дека овие градби се следните на листата за реализација. Според бараните критериуми, фирмата што ќе понуди најниска цена за изградба ќе ја добие работата што треба да се одлучи најдоцна до крајот на годинава.
Недефинирано останува што се' ќе го сочинува комплексот „Карпошово востание“, кој треба да се гради од левата страна на Вардар, на просторот меѓу црквата „Свети Димитрија“ и зградата на Министерството за транспорт и врски. Единствено е познато дека ќе има централна грандиозна фонтана, во чија близина, како што може да се забележи од визуелизацијата на „Скопје 2014“ ќе се наоѓа коњаничка скулптура на Карпош, слично на досега поставените во близина на Камениот мост. Комплексот ќе го красат и неколку помали фонтани, како и стилски канделабри и друга урбана опрема. Дали во комплексот ќе има место и за скулптура воин на Филип Втори, како што се шпекулира во јавноста, од Центар не сакаат да коментираат.
Споменикот на Паднатите херои со грандиозни димензии ќе го краси паркот „Жена-борец“, поставен во близина на планираните споменици на президиумот на АСНОМ и на основачите на ВМ��О. Тој, всушност, ќе биде првиот што ќе почне да се гради од неколкуте планирани во паркот спроти парламентот. Мостот на уметноста, пак, ќе го премостува Вардар кај новата зграда на Обвинителство и на Финансиска полиција. На него, како и на „Око“ ќе се наоѓаат 29 двометарски бронзени скулптури распоредени симетрично од двете страни на мостот и една централна. Најавено е дека тоа ќе бидат бронзени ликови на културни дејци од поновата историја на Македонија, меѓу нив и дел што ја одбележале албанската историја. (Дс.Т.) |