Број 3318  понеделник, 28 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

На „трезниот фестивал“ победија фудбалерите

Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ

МОСКВА - Главната награда на годинешниот Московски меѓународен филмски фестивал „Златен Георги“ ја доби филмот „Брат“ од Венецуела, на режисерот Марсел Раскин. Тоа е филм за двајца браќа кои играат за тимот на својата улица и кои на градското натпреварување се забележани од менаџери.

За најдобар режисер е прогласен Јан Кидава Блонски за филмот „Ружица“. Наградата за најдобра машка улога ја доби Мик Хелилај за филмот „Албанец“, а за најдобра женска улога наградата и припадна на Вилма Чибулкова за филмот „Како земски рај“. Специјалната награда на жирито му припадна на филмот „Албанец“. Тоа е филм за младо момче кое сака да заработи пари за свадба, но ја губи невестата. Филмот „Албанец“ го сними германскиот режисер Јоханес Набер. Претседател на жирито годинава беше Лик Бесон.

Претседателот на фестивалот, познатиот руски режисер Никита Михалков, изјави дека во различните програми филмовите ги гледале околу 120 илјади луѓе, и неспорно е дека годинава фестивалот бил далеку поскромен од претходните. Веројатно на тоа влијаеше и економската криза, но и по малку депресивната ситуација во која се најде Михалков, чијшто најнов филм не го доживеа очекуваниот успех иако за него е потрошен рекорден буџет од 55 милиони долари. Во руските кино-сали е слабо посетен, а и на Канскиот фестивал не доби никаква награда.

Во официјална конкуренција на фестивалот беа прикажани 17 филма. Прво, беше предвидено да бидат прикажани 15 филмови, а потоа беше одлучено да се вклучат уште два филма - на шведскиот режисер Отмар Карим „Драга Елис“ и на српскиот режисер Срѓан Карановиќ, „Беса“. Програмскиот директор на фестивалот, Кирил Разлогов, вели дека во официјалната конкуренција филмовите биле поделени во две тематски целини. Во првата се оние за минатото на поранешните социјалистички земји, а во вториот дел се оние со „силен латиноамерикански акцент“. Русија во официјалната конкуренција имаше само еден свој филм, „Врабец“.

Годинешниот филмски фестивал се ослободи од комплексот на инфериорност и доби „трезно лице“. Нема повеќе причина ��а ги молиме највисоките раководители да доаѓаат на фестивалот, тоа е празник на филмот. Имаше години на почетокот кога ни беше важно кој дошол, а не какви се филмовите. До пред неколку години фестивалот имаше пијано лице, а сега има трезно, изјави деновиве Никита Михалков. „Ние повеќе не се однесуваме чувствително за тоа дали фестивалот ќе има големи американски ѕвезди. Повеќе немаме намера да плаќаме пари за да ни доаѓаат ѕвезди“, нагласува Михалков.

Тој смета дека сега на луѓето треба да им се предлага да ги гледаат филмовите што не можат да ги гледаат преку интернет. „Важно е луѓето да сфатат дека големиот екран е нешто сосем поразлично од компјутерот“, вели тој.

Иако уште во 1972 година Московскиот фестивал е регистриран во Меѓународната федерација на филмски продуценти како еден од големите, како оние во Кан, Берлин, Сан Себастијан, Карлови Вари и Венеција, факт е дека тој само каска зад нив. Всушност, ниту во Русија за овој фестивал не владее голем интерес како некогаш и повеќе не е престиж да се набави влезница.

 

„Беса“ остана на пофалби

Иако не освои никаква награда, филмот „Беса“ на српскиот режисер Срѓан Карановиќ остави добар впечаток, особено кај филмските критичари. Нему голем простор му даваа најтиражните овдешни листови. Филмските критичари пишуваа дека Мики Манојловиќ е еден од фаворитите за добивање награда. Најтиражниот руски дневен весник „Московски комсомолец“ на двапати во долги текстови пишуваше дека филмот на Карановиќ е фаворит во официјалната конкуренција, а посебен квалитет на „Беса“ се одличните актери кои многу добро си ја завршиле работата.

Посебно го истакнуваа Мики Манојловиќ кого руската публика добро го знае од филмовите на Емир Кустурица. „Московски комсомолец“ го претстави Мики Манојловиќ како вистинска балканска филмска ѕвезда.

Најугледниот руски политички весник „Известија“ објави подолго интервју со Мики Манојловиќ под насловот „Мажите работат молчејќи“. Филмскиот критичар на „Известија“ напиша дека Предраг Мики Манојловиќ, кој ја игра улогата на Азен, е голем европски актер.

И на денот на затворањето на фестивалот „Московски комсомолец“ пишуваше дека Манојловиќ би требало да ја добие наградата како најдобар актер на годинешниот фестивал. Меѓутоа, жирито имаше поинакво мислење. Од двајцата Албанци, наградата ја доби гастарбајтерот од Германија.


#
Статијата е прочитана 331 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Во Скопје и книжевноста излезе на улиците
„Златен Дедал“ за легендите
Почнува Семинарот за македонски јазик во Охрид