Број 3318  понеделник, 28 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

„Златен Дедал“ за легендите

Мери Бошкова, Дарко Марковиќ, Зафир Хаџиманов и Иван Ивановски ги примија наградите за животно дело

Сунчица Уневска

Наградите „Златен Дедал“ за животно дело, по повод 3-годишнината од своето постоење, Универзитетот ЕСРА во петокот вечерта им ги додели на неколку легенди на македонската уметничка сцена. Доајенот на македонското актерство Мери Бошкова, неуморниот карикатурист, сатиричар и аниматор Дарко Марковиќ, познатиот македонски кантавтор и шансониер Зафир Хаџиманов и театарскиот критичар и публицист Иван Ивановски ги примија овие признанија за нивниот придонес во аудиовизуелната уметност, за нивниот скапоцен влог и трага што, секој со својата особеност, ги втиснаа засекогаш во македонската култура и уметност. Беше тоа вечер на легендите, вечер на творештвото, вечер на креативноста, во која се славеше убавината, страста и преданоста кон својата професија и кон сето она што како обележје на својата земја е вплетено во неа. Киносалата во Кинотеката на Македонија (за жал) не беше преполна, но затоа тука беа сите оние кои умеат тоа творештво и оставина на вистинскиот начин да ги вреднуваат.

„Златен Дедал“ е награда што ЕСРА ја воведе лани, поврзувајќи ја со наоѓањето на фигурината на митскиот летач на нашето тло, и наедно поврзувајќи ја со целата симболика што тој ја носи, слободата, сонот, одважноста да се стигне до височините. Оваа награда лани им беше доделена на филмскиот критичар Георги Василевски, на театрологот Ристе Стефановски, на доајенот на фотографијата Благоја Дрнков и легендата на музичката сцена Вања Лазарова, а оваа година „Златен Дедал“ требаше да добие и кралицата на ромската музика Есма Реџепова, но во тоа време таа беше на концерт во Истанбул.

Наградите на добитниците им ги врачи ректорот Јордан Плевнеш и притоа беа направени навистина мали, но исклучителни посвети на сето она што овие големи автори и уметници го оставиле зад себе, но кои и покрај годините, се' уште активно создаваат и творат. Освен Мери Бошкова, која копнее да направи проштална вечер со својата публика, да се потсетат заедно и да одигра за нив барем дел од своите незаборавни улоги, но како за тоа да се нема доволно слух. Сепак, планот е, како што рече Јордан Плевнеш во наредниот период да се направи по една вечер посветена на секој од добитниците.

Вечерта и започна со легендарната улога на Мери Бошкова како мајката Фросина во првиот македонски игран филм „Фросина“ во режија на Воислав Нановиќ. Во тогашната 1952 година Мери Бошкова на само 26 години ја одигра својата прва филмска, но неверојатна улога на старица. Таа е доајен, легенда, една од најособените актерки во Македонија, но и во Југославија. Се паметат многу нејзини улоги, меѓу кои секако Живка од „Госпоѓа министерка“, бароницата Кастели во „Господа Глембаеви“, Дездемона во „Отело“, а на белградската сцена се паметат и улогите во „Коштана“ и „Тетовирана ружа“ на Тенеси Вилијамс.

А Мери Бошкова се наврати на уште една нејзина легендарна улога во претставата „Еригон“ по текст на Јордан Плевнеш, која и ја донесе Стериината награда. Бошкова има добиено многу признанија и награди за животно дело, а „Златниот Дедал“ само не потсети на нејзиниот несекојдневен талент и на нејзината неизмерна желба за последен пат да се прости од својата верна публика.

Интересно е дека оваа вечер не беше само вечер на доделување награди, туку на нивното творештво Плевнеш се осврна и низ едно интимно потсетување на начинот и времето кога нивните патишта се испреплетувале. Така, говорејќи за Дарко Марковиќ, Плевнеш потсети на една од неговите големи изложби одржана во Охрид. Во таа пригода еден новинар на „Монд“, кој бил одушевен од работата на Дарко Марковиќ, кого го споредил со еден од нивните врвни уметници, кои исто како и Марковиќ низ своите дела ги коментира општествените прилики во земјата, велејќи дека нивниот автор може да му носи вода на нашиот Дар-Мар.

И факт е дека е непроценливо значењето на сето она што Дарко Марковиќ секојдневно го создава, бидејќи не само што и денеска е многу активен и подеднакво интересен за сите генерации, туку се чини нема замена во начинот на кој умее да го коментира сето она со кое сме опкружени. Затоа, неговиот Пецко и се претвори во вистински лик, кому сега единствена конкуренција му е повторно неговата креација, Панчо Тиквешански.

Зафир Хаџиманов пак, потсети дека тој бил дел од легендарните шоу-емисии што Дарко Марковиќ во тоа време ги правел за југословенската телевизија. Зафир Хаџиманов е и нашиот амбасадор на културата во Србија, инаку, неговите концерти и поезија се нешто што е незаборавно и кое се чини веќе се пренесува од една генерација на друга, претворајќи се полека во дел од оставината... Една од неговите вечни песни, секако, е „Од љубов не се бега“, на која Хаџиманов од срце не потсети, вовлекувајќи ја целата публика да пее, да биде носталгична и за миг да се врати во времето. Бидејќи, оваа песна, како и многу други, е таква, единствена и незаборавна, токму со гласот на Зафир Хаџиманов.

Додека Иван Ивановски е нашата легенда во поглед на театарската критика и проследувањето на сите настани во театарот во Македонија, и многу пошироко. Интересно е дека Ивановски има толку многу напишано за театарот, и критики, и книги, толку анализи, толку различни театарски теми, па сепак, и денес со истата страст и љубов пишува и понатаму за секоја нова претстава. Неговата инспирација за театарската уметност е фасцинантна.

Впрочем, тоа беше фасцинантна вечер, во која се говореше за страста и за љубовта кон својата професија. Навистина е убаво кога тоа се вреднува и кога ќе се доделат заслужени награди, кога сите овие добитници ќе бидат ставени на еден од ѕидовите на доајените (каков што има во Кинотеката) или како што рече Плевнеш, кога ќе им бидат направени траги долу на патеката. Траги како оние холивудските, но кои нема да бидат ѕвезди, туку на идеја на Хаџиманов, сонца, тоа што е наше обележје. Но, она што е најважно, сепак, не се наградите, најважна беше енергијата, среќата, задоволството и се' уште, огромната љубов и фасцинација со својата работа. Од тоа, се чини, не може да има поголема награда. Беше тоа вечер на оние ретки сонови, кои понекогаш и се остваруваат.


#
Статијата е прочитана 469 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Во Скопје и книжевноста излезе на улиците
На „трезниот фестивал“ победија фудбалерите
Почнува Семинарот за македонски јазик во Охрид