Почнува Семинарот за македонски јазик во Охрид
Од денеска до 16 јули во Охрид ќе се одржува 43. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, кој годинава ќе го посетат сто учесници од 22 земји. Првпат годинава Семинарот почнува во овој период наместо во почетокот на август и свечено ќе биде отворен в понеделник во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид.
Директорот на Семинарот, Максим Каранфиловски, соопшти дека ќе биде задржана традиционалната програма - лекторски вежби, преведувачка работилница, како и 37. Научна конференција на 5 и 6 јули. „Во програмата се води сметка и за интересот на учесниците, но и за промоција на македонските културни вредности кои се одбележуваат годинава, како 65 години од кодификацијата на македонската азбука, 1.100 години од упокојувањето на свети Наум, годишнините од раѓањето и смртта на Славко Јаневски и сето тоа со соодветни предавања, филмови, драми и средби со писатели“, вели Каранфиловски.
По две децении, Семинарот повторно се враќа во Скопје каде што учесниците од 14 до 16 јули ќе го посетат Скопскиот универзитет, националните институти, МАНУ, Друштвото на писателите на Македонија и културно-историските споменици во главниот град.
Покрај познатите славистички имиња Рина Усикова, Волф Ошлиц и Ала Шешкен, учесниците, главно, се студенти, пред се', од Русија и од Полска, како и од Словенија, Србија и од Хрватска, а има и од Јужна Кореја и првпат од Бангладеш.
Според ректорот на Скопскиот универзитет, Велимир Стојковски, „добро е што се' повеќе млади луѓе го изучуваат македонскиот јазик, литература и историја. Тие, според него, се и најдобри амбасадори за промоција на македонската култура во своите матични земји и дека Семинарот е можност за продлабочување на контактите и за селекција на идни лектори по македонски јазик во 11 лекторати во странство. „Сме ја постигнале целта ако барем малку сме им всадиле љубов спрема македонскиот јазик и ефектите ќе ги има по некое време зашто има случаи кои доаѓаат со барања за магистратура и за докторски дисертации“, вели ректорот.
Буџетот за семинарот е 4,5 милиони денари од кои 1,2 милиона од Министерството за култура, околу 600.000 денари треба да префрли Министерството за образование и наука, а останатите средства ги обезбедува Универзитетот од својот буџет. (Н.П.) |