Број 3602  сабота, 11 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Стил

Насловна








Site Meter
Забава

Здравје

Водич за заштита од стомачни инфекции

Мијте ги рацете често

Внимавајте, со летото доаѓаат и стомачните зарази. Високите температури се идеални за размножување на бактериите, кои демнат од сите страни. Но, најопасни се оние што доаѓаат од водата и од храната. Затоа во летните месеци и не зачудува што расте бројот на заболени од цревни инфекции. А��булантите почнаа да се полнат со болни што се жалат на стомачни проблеми. Дневно во една амбуланта има и по пет случаи.

Епидемиолозите потврдуваат дека црвените инфекции почнуваат да земаат замав. „Со покачување на надворешните температури, расте и бројот на цревните инфекции. Нив ги има од мај до септември, а во јули и во август го достигнуваат сезонскиот пик“, вели д-р Гордана Кузмановска, раководителка на Одделението за микробиологија и епидемилогија при Институтот за национално здравје. А дека стомачните инфекции се' повеќе косат, покажува и податокот дека во последната недела се разболеле околу 800 лица, што е за околу 200 случаи повеќе од претходната недела кога имало околу 630 болни. Но, бројката на стомачни зарази секоја година расте. Ако лани за првите седум месеци имало околу 5.000 случаи, годинава е речиси двојно зголемена на околу 8.000. Епидемиолозите велат дека драститчниот раст се должи на се' подобрата евиденција. А годишно се регистрираат и по 15.000 случаи на цревни инфекции, од кои најмногубројни се секогаш заразните проливи, па труењата со храна. А меѓу најчестите причинители се опасните бактерии, како што се салмонела, шигела, и сега многу актуелната ешерихија коли.

Но, микробиолозите, пак, тешат дека е добро што овие инфекции се од таков тип на кој може да се дејствува. Основно е да се одржува личната и колективната хигиена на високо ниво, и укажуваат дека честото миење на рацете е една од најдобрите превентивни мерки. Секако, треба да се внимава и на храната од каде се купува, а посебно на онаа од сендвичарниците и од рестораните.

„Никогаш не можеш да бидеш сигурен. Дури и исцедениот сок не може да се знае дали е подготвен без да е прескокната некоја мерка на санитарна безбедност“, укажува микробилогот д-р Милена Петровска. Важно е и каква вода за пиење се користи или водата за наводнување на зеленчукот и на овошјето. „Затоа тие треба добро да се мијат пред да се јадат, а на пазарите да се пази да не се пробува“, вели д-р Петровска. Инфектолозите, пак, советуваат оние што заминуваат на одмор по пат и во дестинацијата каде што ќе одмораат да користат амбалажирана вода. Бидејќи не сите лица може да го поднесат бактериолошкиот состав на водата во местото каде што летуваат. За децата се препорачува да се внимава да не пијат од водата каде што се бањаат.

Досега 30 жртви на опасната бактерија

Берлин - Никулци од грав одгледувани во Германија се причина за заразата со опасната бактерија ешерихија коли, која уби 29 лица и зарази околу 3.000, изјави Рајнхард Бургер, претседател на германскиот Центар за контрола на заразните болести „Роберт Кох“.

Тој рече дека иако засега нема позитивни резултати од истражувањата на никулците одгледувани на фарма во Долна Саксонија, епидемиолошката анализа на моделот на ширење на заразата дава доволно докази за да може да се направи тој заклучок. „Никулците од грав се виновни“, потенцира Бургер.

Тој појасни дека заклучоците биле направени по истражувањето на патници во автобус, кои се хранеле во еден ист ресторан.

Секој патник што порачал јадење што содржело никулци, се разболел од крвава дијареја.

Смртоносниот вид на бактеријата ешерихија коли однесе уште пет жртви во Германија, со што бројот на починати од заразата достигна 30 лица, 29 во Германија и една во Шведска. Институтот „Роберт Кох“ ја набљудува тенденцијата на пад на бројот на новите случаи на заболувањето во последните денови.

Холандските власти од пазарот повлекоа цвекло од домашно производство откако во него е пронајдена бактеријата ешерихија коли.

Холандската Управа за безбедност на храната потенцира дека тоа не е истиот тип ешехерихија коли откриен во зеленчукот во Германија и дека сега се работи на идентификација на бактеријата. Засега нема информации дека холандското цвекло предизвикало заболување кај лицата што го консумирале, се наведува во соопштението на Управата.

Правилното варење и печење ги убива микроорганизмите

Добро да се мијат овошјето и зеленчукот


Свежото овошје и зеленчукот се сметаат како значајни извори на патогени микроорганизми и хемиски контаминенти.

Овошјето и зеленчукот да се мијат под млаз вода, ако може и 15 минути да се киснат во вода, како што се, на пример, грозјето, зелената салата, јагодите, црешите, спанаќот. За краставиците, па дури и за доматите, се советува и да се лупат.

Да се отстранат оштетените делови од овошјето или зеленчукот поради тоа што бактериите можат да навлезат на тие места.

Најчести симптоми


Најголем број болни се жалат на стомачни болки, гадење и повраќање, а некои од нив имаат и покачена телесна температура. Ваквата состојбата обично се смирува за два-три дена, велат инфектолозите. „Без разлика дали е полесна или потешка форма на цревна инфекција, болните мора да се јават на лекар за да се утврди какво цревно заболување е во прашање и да се даде соодветна терапија“, укажува д-р Жаклина Шопова од Одделот за цревни заболувања при Клиниката за инфективни болести во Скопје.

За лекарска помош посебно треба да се обратат болните што имаат чести повраќања и проливи, и тоа до десетина пати за кратко време, додава д-р Шопова, зашто таквите лица дехидрираат и треба да примаат инфузија. Ова посебно важи за малите деца, кои брзо дехидрираат и тешко ја враќаат загубената течност. Стомачните инфекции посебно тешко ги поднесуваат и постарите лица што имаат и друга хронична болест, како што се респираторна болест, болест на срцето или, пак, шеќерна болест. Инкубацијата на овие стомачни инфекции е најчесто од 12 до 24 часа, а доколку е во прашање труење со храна, тогаш првите симптоми се јавуваат за еден до 6 часа по оброкот. Ако некој член од семејството „закачил“ цревна инфекција, може, но и не мора да им се пренесе на другите членови.

Рацете да се мијат често

Рацете се оние што често ги пренесуваат бактериите и вирусите од едно место на друго, па поради тоа, нивното миење е многу важно. Тие треба да се мијат:

- пред земање храна и често во текот на целата подготовка на храната;

- пред јадење;

- по одење во тоалет;

- по фаќање сурово месо или живина;

- по преповивање на бебето;

- по чистење на носот;

- по соблекување на работните алишта;

- по употреба на некои хемикалии (вклучувајќи ги и оние што ги употребувате за чистење);

- по играње (милување) со вашите миленичиња и

- по пушење.

Како правилно да се мијат рацете


Некои луѓе ги мијат своите раце неправилно. Тие не употребуваат сапун или мијат само еден дел. Кога ги миете рацете, обрнете внимание на врвовите на прстите, палците, на зглобовите и меѓу прстите.

Комбинацијата од топла вода и сапун помага во отстранување на маснотиите, бактериите и нечистотијата.

За да се измијат добро рацете, треба да се направи следново:

- добро да се навлажнат под протечна вода (чешма);

- двете раце да се тријат една од друга со сапун најмалку 20 секунди;

- да се исплакнат под протечна вода и

- да се избришат со чиста крпа, предност имаат

крпи од хартија (хартија за раце).

Каде се кријат бактериите


Микроорганизмите се насекаде, но најмногу се наоѓаат во:

- фецесот;

- земјиштето и водата;

- глодарите, глувците, инсектите и домашните миленичиња;

- домашните животни, морските и животните на фарма (пр., кучиња, риби, крави, кокошки и свињи) и

- луѓето (устата, носот, цревата, рацете, ноктите од прстите и кожата)

Месото добро да се вари и пече


Правилното подготвување (варење и печење) на храната ги убива речиси сите опасни микроорганизми.

Посебно треба да се внимава со сечканото месо, ролованите печења, поголема количина месо и целата живина, како и сосови, мајонези, слатки.

Добро варете ја или печете ја храната, посебно месото, живината, јајцата и морската храна.

- При подготвувањето супи или други варива, бидете сигурни дека се добро зовриени и дека достигнале минимум 70 Целзиусови степени (за месо и за живина водата во која се варат да биде бистра, не розева).

- Кога ја загревате веќе подготвената храна, направете го тоа добро.

Како да се чува храната


- Подготвената храна да не се остава на собна температура повеќе од 2 часа;

- Подготвената храна веднаш да се стави во фрижидер по користењето; (пожелно на температура под 5 Целзиусови степени);

- Пред користењето, подготвената храна загрејте ја (над 60 степени);

- Остатокот од храната не треба да се чува во фрижидер повеќе од 3 дена и не треба да се притоплува повеќе од еднаш;

- Не одмрзнувајте ја смрзнатата храна на собна температура;

- Приготвувајте храна во мали количини за да се намали остатокот;

- Одмрзнувајте ја храната во фрижидер или на друго место со ниска температура.



 


#
Статијата е прочитана 1131 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Забава
Концерт за старите добри времиња
Свирки во Америка, Италија и во Македонија
Инвазија на македонски пејачи
Зошто песната може да ве натера да се расплачете
Стинг во Белград

"""