Како да го фрламе отпадот ќе учиме до јуни в година
Фирмите добија уште шест месеци за да се едуцираат за пакување и за отпадот од него
Сања Наумовска
Како да го пакуваме и да го фрламе отпадот ќе имаме шанса да учиме до јуни идната година. Имено, примената на Законот за управување со пакување и со отпад од пакување ќе се одложи за шест месеци, поточно до средината на идната година. Периодот би требало да се искористи за подготовка на околу 80.000 фирми во државава што се директно засегнати со неговата примена и новите трошоци со кои ќе се соочат, но и за информирање на граѓаните што, исто така, ќе се соочат со казни доколку погрешат во пакувањето и во фрлањето отпад. За тој грејс-период компаниите ќе треба да одлучат дали сами ќе се грижат за својата отпадна амбалажа или третманот ќе и' го доверат на специјализирана фирма. Дополнителниот период од шест месеци ќе се искористи и за лиценцирање на најмалку уште една ваква компанија за третман на отпадот од пакување, покрај веќе постојната „Мак-пак“, регистрирана пред неколку дена.
Имплементирањето на новиот Закон отвори многу прашања кај фирмите -производители на кои, всушност, им носи нови обврски и трошоци. Според претседателот на бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, фирмите се' уште не знаат кој ќе го селектира отпадот, каде ќе се одложува и колкави вложувања ќе треба да направат за новиот начин на обележување на амбалажата.
„Веќе се регистрирани одредби што се косат со други постојни закони и кои внесуваат забуна кај компаниите. Затоа предлагаме, пред да почне примената на Законот, да се земат предвид сите забелешки што ги имаат фирмите“, рече Бошков.
Според заменик-министерката за животна средина, Соња Лепиткова, одложувањето е во насока на дополнителна едукација на компаниите за обврските од Законот. „Третманот на амбалажата како економски потенцијал, а не како отпад, е приоритет и тренд во Европа“, рече Лепиткова, посочувајќи дека со него ќе се обезбеди развој и на туризмот, на земјоделството и на други области. „За пет години од примената на Законот ќе се обезбеди заштеда од 31 милион евра ако амбалажата се одвои од комуналниот отпад“, вели Лепиткова.
Од јули идната година ќе почне и изрекувањето на казните што ги предвидува Законот, а што се движат од 3.000 до 6.000 евра за правните лица- производители и 600 евра за физичките лица. Законот предвидува казна од 3.000 евра и за трговците во чии продавници се продава стока. Обврската за селекција на отпадот Законот ја насочува, покрај фирмите и кон граѓаните, што можат да добијат глоба од 60 евра ако измешаат амбалажа со комунален отпад. Законот, според принципот „загадувачот плаќа“, предвидува фиксни суми што ќе треба да ги издвојуваат производителите на амбалажа ако нејзиниот третман и' го доверат на лиценцирана компанија. За еден тон произведена пластика ќе плаќаат 20.000 денари, а за еден тон хартија и картон, пак, по 6.200 денара. |