Почна тресењето на буџетот
Со буџетот за 2011, власта нуди обланда со капитални инвестиции за да се оправдаат буџетскиот дефицит и задолжувањата, обвини вчера опозицијата на првиот ден на расправата за Предлог-буџетот за 2011 во Комисијата за економски прашања. На тоа се спротивстави власта, која призна дека тој не гарантира сеопфатна поддршка на економскиот развој, но, дека е само дел од мозаикот на економско напредување.
Членовите од опозицијата сметаат дека ставките на Министерството за економија со буџетот се многу сиромашни и недоволни за поттикнување и поддршка на економскиот развој на државата. Ова Министерство, забележаа тие, ќе нема пари за развој на клучните сегменти, енергетиката, малите и средни претпријатија, туризмот.
Радмила Шеќеринска од СДСМ го критикуваше износот од 662 милиона денари за економска промоција. „Не може буџетот за промоција да биде поголем од тој за развој“, рече Шеќеринска и истакна дека е недозволиво за унапредување на железничката инфраструктура да се издвојат помалку пари од тие за економска промоција.
Ристо Пенов од ЛДП апелира со буџетот да не се повтори нискиот процент на реализација на капиталните расходи и тие да не се пренаменат за нови вработувања. „Македонија е со највисоките буџетски дефицити во Европа, односно според европските дефиниции, тој е над 7 проценти, а според нашите, само 2,5 проценти“, рече Пенов.
Министерот за економија, Фатмир Бесими, се согласи дека предложениот буџет не гарантира сеопфатна економска политика и поддршка на економскиот развој, но, посочи дека тој е само дел од целиот процес. (МИА) |