Каролина Куркова
Младата мајка се враќа на пистите
Каролина Куркова, една од најубавите жени на светот, по едногодишна пауза се враќа на манекенските писти
Бојан Шашевски
Каролина Куркова, една од најубавите жени на светот, по едногодишна пауза се враќа на манекенските писти! Таа се вбројува меѓу највработените манекенки во светот, појавувајќи се во разни каталози и партиципирајќи на големите писти, притоа претставувајќи еминентни светски креатори. Поранешниот ангел на „Викторија сикрет“, од неодамна мајка на Тобин Џек Друри, е поубава од кога било.
Каролина е родена во Дечин, поранешна Чехословачка, како ќерка на Јозеф Курка, кошаркарска ѕвезда од таа држава. Младата русокоса Куркова беше исмевана од многумина поради висината. Откако еден пријател испрати нејзини фотографии во Прага, 15-годишната девојка со впечатлив изглед го почна својот пат на ревиите, а учествуваше и во повеќе реклами. Понатаму кариерата ја продолжи во Милано каде што се здоби со значајно искуство, потпишувајќи за Мучија „Прада“, а на 17-годишна возраст, откако се пресели во Њујорк, се појави на насловната страница на списанието за мода и стил на живеење „Вог“. Во меѓувреме ја забележале претставниците на брендот за долна облека „Викторија сикрет“, за кои носеше градник вреден 10 милиони долари во текот на едно нивно шоу. Импресионирани беа и „Томи Хилфигер“, „Валентино“, „Џон Галијано“, „Кристијан Диор“, „Шанел“, „Хуго Бос“, „Версаче“ и други видни дизајнерски куќи, кои и' помогнаа да се издигне на врвот во модниот свет, правејќи мултимилионски кампањи со ликот и телото на високата Куркова. Неколкупати е избрана за модел на годината, доби награда за хуманитарна работа, а се наоѓа и на листите на најжешките манекенки и жени на планетава. Нејзината тенденција кон актерството и' се исплатуваше, па учествуваше во неколку холивудски филмски проекти.
При чекорењето на една писта во 2008 година кај Куркова беше забележано дека има малку целулит на телото, за што критичарите остро реагираа. Сега манекенката изгледа беспрекорно, а енергијата што ја содржи се' уште ги предизвикува неуморните фотоапарати. Познато е дека беше во врска со украинскиот боксер Владимир Кличко, а татко на синот е нејзиниот свршеник, филмскиот продуцент Арчи Друри, со кого е речиси две години.
Каролина секогаш успева да биде во центар на вниманието. Откако се породи пропорциите и се како совршени, а мајчинскиот елан и' дава нова свежина и сјај.
Интересно е дека Каролина има невидлив папок, односно додека многумина поседуваат папок што е вовлечен навнатре или, пак, испакнат од стомакот, на една ревија новинарите забележаа дека Каролина има неверојатно мазен дел. Тој на повеќето фотографии е компјутерски обработен, за да се нормализира нејзината појава во списанијата и во рекламите.
|