Владата, сепак, ќе најде пари за Антикорупциска?
Голема неизвесност меѓу комисионерите, кои се соочуваат со финансиски тешкотии
Катица Чангова
Дали Владата ќе се смилува и ќе најде пари за Државната комисија за спречување на корупцијата откако со ребалансираниот буџет прилично ги стегна финансиските ремени за функционирање на оваа институција? Стигнуваат сигнали дека, сепак, имало можности за корекции. Така, претставници на Министерството за финансии на средба со Антикорупциската комисија признале дека бил направен превид во пресметките. Штетата ќе се поправа на малку невообичаен начин. Наместо Финансии како надлежен ресор, Антикорупциската комисија добила задача да подготви информација за недостигот и за потребите од пари. Владата ќе го разгледа предлогот и потоа ќе одлучи за износот.
„Ја имаме предвид вкупната економска состојба во државата. Затоа нема да бидеме мегаломани во барањата. Ќе бараме интервенции во ставките за режиски трошоци - струја, вода, парно, Интернет, за месечните надоместоци на членовите, за нашите активности, како што е одржувањето трибини. Подготвуваме информација за финансиските кусоци, која неделава ќе ја доставиме до Владата“, најави претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Илми Селами. Тој нагласи дека скудните средства ги принудиле да ја откажат планираната дебата на тема која се однесува на управувањето со градежното земјиште.
Како што е познато, антикорупционерите неодамна алармираа за скратените финансии и предупредија дека е доведено во прашање нивното елементарно работење. Невладината организација „Транспарентност-Македонија“ во својот последен месечен извештај ваквиот потег го оквалификува како суптилен начин за вразумување на антикорупциското тело што е коректив на владиното работење. Како е можно, прашува „Транспарентност“, буџетот на МВР и на други органи чии челници се високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ да се зголемува, а буџетот на најзначајниот орган единствено надлежен да ја спречи корупцијата во власта, да се намалува до граница на неможност за опстанок на институцијата.
Дали скратениот буџет ќе влијае на иницијативноста на комисионерите и ќе ги стави во втор план реакциите на евентуални нови скандали и афери во владини институции и меѓу високи функционери?
Од Антикорупциската комисија тврдат дека неповолната ситуација што ја почувствувале и на своја кожа не го довела во прашање темпото на нивната работа. Но, нагласуваат дека внела многу неизвесност и напнатост. Според првиот антикорупционер, не е лесно да се одржи седница и да се обезбеди присуство на сите членови, па и на оние што доаѓаат од Тетово и од Куманово.
„Не е намален интензитетот во работењето. Многу полошо е чувството на бескорисност, тоа дека никому не сме му потребни. Во моментов навистина нема атмосфера за покажување резултати“, истакна шефот на Антикорупциска, Илми Селами.
За сериозноста на финансиската ситуација антикорупционерите во неколку наврати досега реагирале до Министерството за финансии и до Владата, но наишле на целосно игнорирање. Антикорупциска обелодени дека хонорарите се намалени за 30 проценти, а дека седумте члена од септември ќе работат на вересија. На контото од каде што се исплатуваа месечните надоместоци на комисионерите останаа само 52.000 денари, доволни само за еден хонорар ако се знае законската обврска за исплата на две и пол просечни плати, според податоците што ги објавува Државниот завод за статистика.
Финансиите не се единствен проблем за антикорупционерите на кои, според најновите измени на Законот за спречување на корупцијата искрчкани во Министерството за правда, а треба да ги одобри Владата, им се заканува разрешување. Мандатот е скусен за една година, ќе трае до почетокот на февруари наредната година, што значи овој тим останува да работи уште пет месеци.
Овие промени Илми Селами ги оквалификува како класичен упад во работата и загрозување на статусот на Антикорупциската комисија како контролна институција. „Предвременото разрешување ја нарушува правната и институционалната сигурност на институциите во земјата. Впрочем, кому досега му е скратен мандатот?“, праша Селами загрижен од измените во антикорупциското законодавство, со кои се прави обид за задушување на моќта на регулаторното тело.
„Не можејќи да ја претвори во свој приврзок, како што беше во периодот од 2006 до 2010 година, Владата изготви законски измени преку кои ќе се ослободи од постојниот состав на Антикорупциска. На тој начин не само што се врши директен упад во демократските процеси во земјата, туку се предлага и решение кое е спротивно на одредбите на Уставот, ќе има ретроактивно важење. Целта е замолчување на секоја институција, колективен или индивидуален државен орган што се осмелува да укаже на незаконитостите во работењето на Владата“, коментираат експертите од „Транспарентност-Македонија“. |