Брoj 2782  вторник, 09 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

„Златен лав“ за „Борач“ на Дарен Аронофски

Најмногу награди на 65. Мостра за етиопскиот филм „Теза“ на Хаиле Гериме

Сунчица Уневска


„Златниот лав“ на годинешната 65. Мостра жирито предводено од Вим Вендерс му ја додели на американскиот филм „Борач“ на Дарен Аронофски. Наградата за режија отиде во Русија кај Алексеј Герман помладиот за филмот „Хартиен војник“, додека Специјалното признание на жирито и најмногу награди освои етиопскиот филм „Теза“ на Хаиле Гериме.

Дарен Аронофски, независниот автор кој ги потпиша култните дела „Пи“ и „Реквием за еден сон“, минатата година беше во конкуренција во Венеција со филмот „Фонтана“. И иако овој филм помина многу лошо, оваа година тој повторно влезе во конкуренција и го освои „Златниот лав“. Како што рече главниот актер во „Борач“, Мики Рурк, Аронофски и воопшто не сакал да дојде во Венеција, но тој му рекол дека мора. Триумфот годинава му припадна нему, но со голема заслуга на Мики Рурк. Впрочем, Вим Вендерс така и рекол при прогласувањето на добитникот, дека овој филм е победник токму поради улогата на Мики Рурк, кој игра професионален борач, кој откако ќе доживее срцев удар се обидува повторно да си го среди животот. Сите очекуваа дека Рурк ќе ја добие и наградата за улога, што не се случи. Инаку, критиката е согласна за неговата исклучителна улога и сите му го предвидуваат „Оскарот“.



Рускиот филм на Алексеј Герман, кој оваа година по трет пат беше на Лидо, има многу покомплицирана приказна и структура. Во „Хартиен војник“ Герман се враќа на почетокот на 1960-тите години кога Русија го праќа првиот човек во вселената. Но, како што пренесуваат критичарите, овој филм кој е снимен во казахстанските степи, се осврнува на целата идеологија во времето на 1960-тите, на појавата на новата интелигенција и на сите оние превирања кои доведуваат до судир меѓу политичкото и индивидуалното. Овој филм ја доби и наградата за најдобра камера.

Додека „Теза“, уште еден политички и социјално ангажиран филм, покрај Специјалната награда на жирито, ја доби и наградата „Осела“ за најдобро сценарио, а ја освои и Наградата на публиката. Хаиле Гериме зборува за состојбите во својата земја по падот на Хаиле Селасие низ судбината на својот главен јунак, кој по студиите во Германија, ќе се врати во својата земја опиен од идејата за марксизмот, за таму да се соочи со сосем поинаква реалност.

Наградата за машка улога ја доби италијанскиот актер Силвио Орландо за улогата во филмот „Таткото на Џована“ на Пупи Авати. Станува збор за вистинска приказна сместена во времето на фашизмот, кога една млада девојка ќе ја убие својата другарка заради момче. Филмот ја прикажува нераскинливата врска меѓу таткото и ќерката. Но, додека оваа награда важи за заслужена сосем е поинаку со наградата за главна женска улога, која и припадна на Доминик Бланк за францускиот филм „Другата“ на Патрик Марија Бернард и Пјер Тривидика. Не толку заради нејзината слаба изведба, туку заради тоа што се работи за многу слаб филм или како што напишаа критичарите „за тешко уметничарење“.



Всушност, ова издание на Венецискиот фестивал ќе остане запаметено токму по големите критики упатени на годинешната главна селекција. Марко Милер беше жестоко напаѓан за годинешната програма од сите, а особено од италијанските медиуми. Милер постојано се правдаше дека тоа е така поради штрајкот на американските сценаристи, на што му беше одговорено дека тоа е слабо алиби, особено ако се знае дека во другите програми во Венеција имало одлични филмови. Покрај филмот „Другата“ многу лоши критики доби и новиот филм на Барбет Шредер „Инзу, ѕвер во сенка“, „Млеко“ на Семи Капланоглу и американскиот „Вегас: по вистинска приказна“ на Амир Надери.



Друго по што ќе остане запаметена годинешната Венеција е и тоа што овие победници беа сосем неочекувани. За најголеми фаворити годинава се сметаа италијанскиот филм во бразилска продукција „Набљудувачи на птици“ на Марио Бекис, американскиот „Рејчел се мажи“ на оскаровецот Џонатан Деми, „Ливада во пламен“ на Мексиканецот Гилјермо Аријага и двата јапонски, „Ахил и желката“ на Такеши Китано, како и прекрасната анимација „Понио на карпа покрај море“ на волшебникот Хајао Мијазаки, инаку претходен добитник на „Златен лав“ за животно дело. Но, овие филмови останаа без награди. Освен „Ливада во пламен“, за кој сите велат дека е одличен, но тој и донесе признание единствено на младата Џенифер Лоренс, која ја доби наградата за талентиран актер „Марчело Мастројани“.

Наградата за најдобро деби „Луиџи де Лаурентис“ ја доби италијанскиот режисер Џани ди Грегорио за филмот „Ручек во август“, а наградата на меѓународната критика „Фипресци“ му припадна на филмот „Внатрешност“ на Тарик Тегие од Алжир, кого поради особената естетика го нарекоа африкански Антониони. Жирито се одлучи годинава, покрај „Златен лав“ за животно дело кој го доби италијанскиот ветеран Ермано Олми, да додели и Специјално признание за целокупен опус. Тоа му припадна на германскиот автор Вернер Шретер, познат како претставник на „новиот германски филм“ во 1960-тите и 1970-тите години, за неговата „бескомпромисна и упорна иновативна работа“ повеќе од 40 години. Инаку, Шретер годинава беше и во конкуренција со филмот „Ноќ на кучиња“, кој не доби баш добри критики. Како и да е, и 65. Мостра се затвори, откривајќи неколку филма кои не добија награди и кои не беа во главната селекција, како чешкиот „Селски учител“, францускиот „Стела“ или авганистанскиот „Кабулско дете“. Но, и потврдувајќи дека времето на филмските есеи не е поминато. Напротив, се' зависи од умешноста на авторот, од оригиналноста и вистинската емоција.

 


Статијата е прочитана 164 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Спрема Вардар се однесуваме како свињи пред бисери
Гости од 40 земји на Светскиот конгрес во Охрид
Гран-при на „Синедејс М“ за филмот „Песната на Номи“