Грчките слависти првпат нема да учествуваат на највисокиот славистички собир
Симон Илиевски
ОХРИД - Грчките слависти нема да учествуваат на Светскиот славистички конгрес што започнува в среда во Охрид. Ова е првпат да не учествуваат на највисоките светски славистички собири што во стручната јавност се коментира дека го направиле под притисок на грчката надворешна политика кон Македонија. „Уредно ги поканивме дури два пати и не добивме одговор зошто не доаѓаат“, рече на вчерашната прес-конференција академик Милан Ѓурчинов, претседател на Организациониот комитет на Конгресот.
„Немаме конкретни информации зошто не доаѓаат грчките слависти ниту, пак, имавме намера да го злоупотребиме овој најголем светски собир на славистите. Во времето од изминатите пет години од Конгресот во Љубљана, славистите подготвуваа реферати на разни стручни теми во кои доминира славистиката, а не политиката“, рече Ѓурчинов. Според рефератите што се пријавени, тој не гледа никакви зли намери, туку научни сознанија на лингвистите кои треба да решат некои отворени прашања, кои влијаат и врз актуелните политички односи во регионот.
Потпретседателот на Организациониот одбор Трајко Стаматоски потенцира дека бројката од 750 учесници од 40 земји од светот зборува за релевантноста на овој голем славистички собир. Тука ќе се разменуваат научни сознанија кои поединечно не се битни за земјите-учеснички, туку воопшто за славистиката во светот.
На Светскиот славистички конгрес ќе се собере елитата од светот, а научниците низ своите излагања непосредно презентирајќи научни факти, всушност, даваат и поддршка на македонистиката и на посебноста на македонскиот јазик, литература и култура. Ваквата нивна поддршка, како што велат организаторите, и во ваква форма сега и' е најпотребна на Македонија во решавањето на спорот со името со Грција.