Спрема Вардар се однесуваме како свињи пред бисери
Промената на свеста на населението е просветителска, а не фашистичка задача, вели Роберт Алаѓозовски, организатор на фестивалот „Денови на Вардар“
Тина Иванова
Речниот фестивал „Денови на Вардар“, кој од 15 до 18 септември ќе се одржи во рамките на големата културна иницијатива „Септемвриска културна обнова“ во организација на Младинскиот културен центар, претставува спој помеѓу урбаното, градот, културата (сватена најшироко како начин на живеење) и природата - реката, животната средина. Организаторот на фестивалот Роберт Алаѓозовски, вели дека овој речен фестивал ќе прерасне во традиционален, што секоја година ќе се одржува во септември. Неговото прво издание на посетителите ќе им понуди интересна и богата програма која подразбира музички концерти, ликовни перформанси, улични театри, работилници од различен карактер..., а кои ќе се случуваат во околината на реката Вардар. Фестивалот го носи мотото „Водата е извор на живот“, а неговата цел е да се издигне еколошката свест на граѓаните за значењето на реката Вардар за градот, и нејзината клучна улога во креирањето на здрав животен амбиент на подрачјето на цело Скопје.
„Таа цел ќе се оствари преку серија фестивалски активности со кои преку јавни акции најдиректно ќе се чисти Вардар и кејот од загаденоста. Во нив ќе бидат вклучени градските власти, претпријатија, граѓани-волонтери и ученици од скопските училишта. Младите и креативни уметници во соработка со наставниците ќе организираат серија културни и едукативни содржини, во кои како масовни учесници ќе бидат учениците и младите, а нивните јавни и културни акции ќе бидат насочени кон промена на односот на граѓаните кон јавните простори, нивна поголема грижа за јавното. Но истовремено, со помош на низа уметнички и културни содржини, симболички ќе се покаже како да се подобрува и како понатаму да се негува односот на граѓаните кон градот и реката, како една интегрирана, разнообразна и мултикултурна заедница“, вели Роберт Алаѓозовски.
Алаѓозовски истакнува дека Фестивалот на реката е правен според европските искуства во таа област. Всушност, идејата за фестивалот се родила преку неговата комуникација со луѓето од Европската платформа на речни градови. Фестивалот, вели организаторот, ќе има смисла само доколку стане традиционален, но вели, мора првото издание да се случи, за да постојат некакви мерила и основа за понатамошен развој. ���Главната цел на Фестивалот на Вардар е подигање на еколошката свест кај населението која се остварува преку методологијата на фестивалот да биде отворен, мултидисциплинарен, народски, децентрализиран настан со повеќе учесници. Ја користиме уметноста и културата за пошироки општествени цели, но и другаруваме со другите области (екологија, млади, спорт, граѓанство, локален развој), заедно и рамноправно“, вели Алаѓозовски.
Големото „миење“ на нашата најголема водна површина, преку културни настани треба да го поттикне духот на секој од нас за грижење за околината - е всушност кусиот опис од програмата за концептот на манифестацијата. Се подразбираат грижата и зачувувањето на околината како важен сегмент од нашата свест за културата на живеење. На прашањето, зошто културната свест кај нас е на најниско ниво и кој е клучот за нејзиното подигнување, за нејзиниот побрз развој, и дали законите со заплашувачки казни за граѓаните се најдоброто решение за тоа, Алаѓозовски вели: „Две основни, а противречни сознанија за нашиот однос кон водата и водените површини се индикативни. Ние не знаеме да го цениме она што го имаме, Вардар е богатство кон кое ние се однесуваме како свињи пред бисери и нашите преокупации и нашите ограничувања (финансиски, институционални, инфраструктурни, интелектулни, оперативни) се светлосни години далеку од темпото на бавење со проблемите и нивно решавање во земјите од првиот свет кон кои стремиме (ЕУ, Канада, Нов Зеланд, Австралија). Во Италија постојат цели институти и истражувачки центри кои во основа се невладини организации, а кои темелно и креативно им пристапуваат на проблемите и предлагаат решенија. Пристапот до водата ние го имаме (индустриски развиените, но и опустошени земји честопати го немаат), но нејзиниот квалитет и хазардното однесување од наша страна е криминално! Но, некои работи мора да имаат редослед. Прво, мораме да поставиме канти за отпадоци во огромен број, потоа треба да ги одржуваме чисти и да ги заменуваме често, потоа треба да направиме едукативни кампањи, а дури потоа да казнуваме за мочање под мостовите. Промената на свеста на населението е просветителска, а не фашистичка задача. Таа се решава со поука и личен пример, а не со казнено-поправни кампови. Но, за институционалната негрижа друг е аршинот, тука нема оправдување. Зашто во институциите треба да бидат најдобрите (иако не е така). Ако го црпите песокот од Вардар, многу брзо речното корито ќе еродира, речната флора и фауна ќе ја снема, земјиштето ќе се свлече и мостовите ќе се срушат. Како што на Тетовчани им паѓа Шар Планина на глава, буквално. Подобрување на квалитетот на водата е приоритет број еден, и затоа ние на плакатот го обоивме Вардар со син молив“.
Речниот фестивал „Денови на Вардар“, како што споменавме, е дел од културната иницијатива „Септемвриска културна обнова“ чии мотиви генерално, коинцидираат со оние на самиот фестивал. За СКО, Алаѓозовски вели: „Дојдовме до идеја, ја моделиравме идејата, и бевме храбри да ја оствариме. Немањето доволни финансиски, инфраструктурни, човечки и разни други оперативни ресурси не не демотивира. Скопје и Македонија, не само културно, мора да станат поле на креативен ризик и креативен експеримент!“
|