Број 3454  сабота, 11 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Стил








Site Meter
Култура

Романски филмови во Кинотека на Македонија

Директорките на романската и на македонската кинотека, Митран и Ѓоргоска-Илиевска, ја најавија заедничката иницијатива за дигитализација на аудиовизуелното наследство

Сунчица Уневска

Од 9 до 13 декември во Кинотеката на Македонија се одржува Недела на романски филм, која од оваа моментно водечка европска кинематографија носи пет филма, од кои четири се сосем нови за нашата публика. Циклусот, всушност, опфаќа филмови од последниве три години, но освен филмот на отворањето на циклусот, „Калифорнија сонува“ на Кристијан Немеску, сите други филмови воопшто не се прикажани во нашата земја.

Вториот ден беше прикажана драмата-трилер „Другата Ирена“ на Андреј Гружњички, за една млада жена која сосем неочекувано ќе изврши самоубиство. Додека денеска публиката ќе може да види еден необичен филм, „Остатокот е молк“, снимен 2007 година во режија на Нае Каранфил. Станува збор за една слободна и полуфиктивна сторија за тоа како се одвивало снимањето на филмот „Независноста на Романија“, автентична адаптација на романската војна за независност од 1877 година, снимен пред цели сто години.

Утре и задутре пак, ќе можат да се видат драмата „Накрсни средби“ на Анка Дамијан, во која се испреплетуваат три посебни приказни, но во кои се препознаваат истите теми и настани, како и мистеријата „Ангел прикачен за мене“ на Георг Преда, во кој една пијанистка ќе тргне во потрага по нејзиниот таен обожавател.

По повод Романскиот циклус во Кинотеката на Македонија гости се директорката на Романската кинотека, Анка Митран и филмологот и филмски критичар, Маријан Цуцуи. Анка Митран на средбата со новинарите рече дека соработката на овие две кинотеки трае од 1994 година, но дека во последниве три години особено е интензивирана. Кај нас досега се одржаа неколку ревии на новите романски филмови, кои се издвојуваат како доста интересни и многу успешни последниве години, а лани се одржа и презентација на македонскиот филм во Романија, проследена со изложба посветена на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки. Романскиот амбасадор во Македонија, Адријан Стефан Константинеску, истакна дека е особено задоволен што и на фестивалот „Синедејс“ романскиот филм беше препознаен и беше потврден неговиот квалитет, освојувајќи дури три од главните награди за филмовите, „Пред се', Фелиција“ и „Кога ми се свирка, свиркам“.

Во рамките на овој циклус, како што истакна директорката на македонската Кинотека, Мими Ѓоргоска Илиевска, тие како и секогаш го вклучуваат и образовниот и едукативен елемент неопходни за развојот на филмската култура. Во тој контекст, гостинот Марјан Цуцуи, кој е своевиден експерт и за кинематографијата во регионот, на ФДУ одржа предавање за новиот романски бран и за сето она што ги карактеризира современите романски филмови.

Инаку, како еден од најзначајните заеднички проекти беше најавена и иницијативата за започнување на дигитализација на аудиовизуелното наследство. Как�� што објасни Ѓоргоска-Илиевска, дигитализацијата е императив кој се наметнува се' повеќе имајќи ги предвид новите технологии, и тоа не само како процес на заштита, туку и заради обезбедување на достапност на колекциите во Кинотеката на Македонија. Иако проект од национален интерес, тоа е сепак и доста скап процес, па тие се надеваат и се обидуваат да добијат поддршка и средства од Министерството за култура, но и од повеќе фондови и институции. Нивната идеја првенствено е да се направи дигитализација на најстарите филмови на браќата Манаки и Арсениј Јовков, а исто така и на дел од македонските долгометражни играни филмови.

Директорката Ѓоргоска-Илиевска информираше и за тоа дека годинава е извршена реставрација и на пет македонски долгометражни филмови, а исто така и дека до крајот на годината целиот филмски фонд ќе биде пренесен на чување во новите депоа. А она што во поглед на кинотечната програма и презентација ќе може публиката да го види до крајот на годината, беа најавени и циклуси на индиски и чешки филм, како и традиционалната Македонска панорама, во чии рамки ќе видиме се' што оваа година беше снимено во рамките на домашната филмска продукција.


#
Статијата е прочитана 666 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Се' уште е апсурден третманот на етнологијата
„Дедо мраз и пријателите“ - мултимедијална новогодишна бајка
 

Montenegro is officially awarded EU candidate status
Paris Agreement is contested on fifteenth anniversary
Hungary welcomes VIPs on board Danube ship during EU presidency