„Дедо мраз и пријателите“ - мултимедијална новогодишна бајка
Универзалната сала и Театарот 007, по повод новогодишните празници, ќе ја прикажат театарската претстава за деца „Дедо Мраз и пријателите“ која ќе се игра на англиски и на македонски јазик. Премиерата ќе се одржи на англиски јазик в понеделник од 17 часот, додека претставите на македонски ќе се играат на 26,27 и 28 декември, првата од 19,30 часот, а останатите две од 11, 13 и 19 часот.
„Дедо Мраз и пријателите“ е мултимедијален театарски проект, замислен како новогодишна бајка која ќе изобилува со магија, бајковидност, невообичената илуминација, со специјално подготвена сценографија, светлосни ефекти, многу песни и танци, интеракција со публиката.
Покрај сцената на која ќе се одвива претставата, холот и просторот пред влезот на Универзална сала, ќе бидат специјално дизајнирани за овој настан. Ќе има најразлични костимирани аниматори за новогодишни дизајни, и специјални украси. Жонглери, Дедо Мраз, Новогодишно зајче, Добрата самовила... се само дел од ликовите од бајките кои ќе имаат за цел да ги анимираат најмладите посетители и целосно да ги внесат во предворјето на новогодишната магија.
Проектот е под покровителство на Г-ѓа Маја Иванова, која прифати да го поддржи и да присуствува.
Во проектот се вклучува и меѓународната асоцијација на жени ИЊА Македонија, со чија помош ќе биде инволвирана целата меѓународна заедница во Македонија и дипломатскиот кор, додека агенцијата УСАИД помогна при реализацијата на сценографијата за проектот. (К.Р.) |