Се' уште е апсурден третманот на етнологијата
По замена на електрична табла, повторно е отворена Етнолошката поставка во Музеј на Македонија
Катерина Богоева
По една и полмесечна пауза, во Музејот на Македонија повторно е отворена постојаната Етнолошка поставка, која беше затворена за посетители поради опасноста од можен струен удар, предизвикан од повеќе децениските проблеми со инсталацијата, што и овој дел од објектот ги има со протекувањето на кровот. Во меѓувреме е заменета една од разводните табли поради претходно запалена склопка, а е распишан и тендер за менување на кровот. Тендерот ќе биде отворен до крајот на месецов, а работите, според програмскиот директор Перо Јосифовски треба да започнат во март. Тој се надева дека дотогаш Музејот ќе го служи добро време, бидејќи ништо друго нема да се менува од незавидните услови во кои се наоѓа вредната поставка што постои околу една деценија. Кога ја посетивме деновиве, пред прекрасните изложени килими се одвиваше едукација на најмладите, а на ѕидовите стоеја истите флеки од вода, теписоните го имаат истиот мирис на влага како и во октомври, а на таванот на влезот од овој дел од објектот, зјаеа истите дупки од паднати плочи. Вредно е да се забележи започнатото поставување на лифт - платформа за хендикепирани лица, која според Јосифовски, треба да биде пуштена до Нова година. Дел од средствата, 6.000 евра за нејзина изведба се донација од шведската фондација „Културно наследство без граници“, а остатокот ќе биде обезбеден од средства на Музејот и од некоја домашна фирма.
Состојбата со која се соочува оваа поставка што ја чинат експонати стари и по 300 до 350 години, ги загрижува не само вработените во музејот, туку и останатите етнолози кои ја знаат непроценливата вредност на богатството кое таму се чува и презентира. Во ова прилика дел од нив, посочија и на други моменти од сеуште неадекватниот третман на етнологијата и антропологијата во земјава, тема која кога и да биде отворена, нуди бескрајно нови апсурдни ситуации. И тоа во време кога нема ден, а да не се споменат проблемите со идентитетот.
Проф.д-р Мирјана П. Мирчевска, раководител на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет - УКИМ во Скопје, осврнувајќи се на актуелните состојби со етнолошката поставка и на други суштински прашања од областа на националната стратегија, деновиве укажа дека поставката е дел од непроценливото културно наследство на земјава, професионално селектирано од вкупните етнолошки материјали со кои располага Музејот. „Само професионалните етнолози знаат колку макотрпно се доаѓа до предмети од етнолошкото богатство на Македонија...“, рече и потенцираше:
„Во ситуација кога нешто што веќе го имаме собрано, селектирано и презентирано пропаѓа, не ми е разбирливо да се вложува во нешто што може да се направи и подоцна. Знаејќи од минатите владеења на партијата која сега е на власт, дека во културата навистина многу средства вложувала, едноставно не знам како се дозволува вредно културно наследство да пропаѓа. Градењето на нови објекти нема воопшто да ни користи, . . . доколку пропадне она што со децении е собирано ќе нема што да презентираме во тие објекти. Се работи за материјали од материјалната, духовната и социјалната култура на Македонија, кои веќе не можат да се најдат на теренот. Од друга страна, сведоци сме на фактот колку нашите соседи се грижат токму за македонското културно наследство во рамките на своите изложбени простори, се разбира со сопствени погледи кон македонското прашање !“.
Негрижата на властите (на сите претходни од осамостојувањето до денес), според неа се гледа и преку генералната негрижа за Институтот за етнологија и антропологија, единствената високообразовна научна институција каде се образуваат етнолози-��нтрополози во Републикава. „Се работи за национална дисциплина, за која не е сосема сеедно дали ќе се школувате и докторирате кај нас или во Белград, Софија, Тирана, Атина. . . И во една таква состојба, несфатливо е еден ваков Институт да биде сместен во две приспособени бараки од студентскиот дом „Стив Наумов“, за кои министерството не плаќа ниту вода, ниту струја, ниту парно. . . за други наставно-образовни потреби и да не зборуваме! Засега се' се намирува од средствата на студентите. Манифестирана е комплетна негрижа или неразбирање за постоење на приоритети, на национални стратегии. Борбата за националниот македонски идентитет изискува едуцирање на професионален кадар кој ќе знае како тоа да го направи вербално, не само визуелно. Ниту една држава што внимава на својот идентитет и постоење не се однесува вака! Македонија има дополнителни и единствени причини да внимава и да го гради сопственото културно и национално богатство и идентитет. За жал, на овој начин се чини постигнуваме спротивни ефекти од посакуваните...“
И пензионираната професорка од истиот институт, Анета Светиева, искажа загриженост од условите во кои функционира Институтот и од евидентната негрижа од страна на државата. „Постојано се зборува за идентитетот, како да е тоа некоја особина или состојба што егзактно може да се препознае. Но, ете, бидејќи знаеме на кој идентитет мислат оние кои постојано го користат овој термин, односно мислат на национален идентитет препознатлив по јазикот, фолклорот и сл. (камо среќа да беше така едноставно), еве прилика да ги потсетиме дека постои една наука за која малкумина знаат дека нејзин предмет на интерес е токму народот и неговата култура, се разбира сфатена многу пошироко отколку што некој би можел да помисли. Таа наука се вика етнографија, етнологија, антропологија“, рече, потсетувајќи дека студиската група за етнологија била отворена меѓу првите на Филозофскиот факултет (1947), но и меѓу првите била затворена (1953). Од разни истражувања, Светиева дошла до сознание дека не може да биде случајно што во поранешната заедничка држава, само Македонија, Црна Гора, БиХ и покраините, немале студии по етнологија.
„Дали тоа било случајно? Секако не. Етнологијата како да била опасна за тие народи, да не се осознаат себе си премногу и да си помислат дека се на исто рамниште со повластените во државата - Срби, Хрвати и Словенци. Ајде што тоа било спроведено во Македонија во тоа време на силни директиви од север, но како може да се објасни фактот што до денешни дни, овде кај нас, никој од државата не дава пет пари за нормален развој на етнологијата после нејзиното обновување како студиска група во 1985/86“.
Двете бараки кои студиската група ги добила во 2005 година за да отпочне со самостојна работа, за неа се илустрација за статусот на етнологијата на ПМФ и на Универзитетот во Скопје. „Безброј прагови сме преминале за да ја објасниме нашата неволја, што во крајна линија е срам и за земјата, бидејќи ние и покрај состојбите, вредно работиме и кај нас гостуваат разни професори од Балканот, Европа и пошироко од светот. Сме биле на разговори скоро со сите декани на ПМФ и на Филозофски факултет од периодот на Трајан Гоцевски, па до денес.Сме барале совет од првиот претседател Киро Глигоров. Сме се обраќале до Армијата во периодот кога беа ослободени некои касарни и доделени за разни потреби на граѓанството, сме пишувале писма, барања и сл., но се било залудно. Мене ми се чини дека на Македонците ќе им бидат потребни уште сто години за да сфатат дека оној дел од етнологијата што се однесува на нас самите, треба сами да го негуваме како што прават сите“, рече таа, и потенцираше дека додека била активна ги туркала работите со сите сили и со ентузијазам.
„Последен удар доживеав пред две години кога поднесовме барање до денешната влада. Писмото го предадов лично на човек за кој со сигурност знаев дека ќе го предаде на премиерот. Всушност тој и самиот ми се понуди дека ќе го стори тоа. Во писмото баравме било какво подостоинствено сместување на студиската група - ништо ексклузивно. Помина долго време без било каква вест. Оваа година се сретнавме со колегата на еден состанок во Министерството за култура. Го прашав, а тој ми одговори дека писмото го предал - и ги подигна рамениците Тој немушт гест требаше да го разберам како „што можам јас“. Му одговорив дека многу понова институција добила сместување во старата американска амбасада. Тој ми одговори дека тоа било прашање поради кое може да падне влада и затоа така било решено. Па бидејќи за македонската етнологија нема да падне влада, ете конечно и јас дигнам раце од се', целосно разочарана на крајот на својот работен век“, изјави Анета Светиева. |