Деловникот може скапо да не' чини во Брисел
Неисполнувањето на политичките критериуми, најверојатно, повторно ќе и' донесе негативна оценка на Македонија во Брисел. Власта и опозицијата никако не можат да се договорат за измените на Деловникот, како едно од клучните барања што треба до го исполни Македонија до 20 јули кога ќе заседава Советот за стабилизација и асоцијација.
Опозицијата инсистира да има право да предложи една точка на дневен ред на секоја седница, но не само закон, туку да може да побара и некаква информација или автентично толкување. Власта се согласува тоа да биде еднаш месечно, што, пак, за опозиционерите е неприфатливо. Тие, исто така, бараат власта во пакет да прифати и дебата за проектот „Скопје 2014“, за ревизорските извештаи и за надзорските расправи.
Во ВМРО-ДПМНЕ го доживуваат ова како уцена и возвраќаат дека „СДСМ го става во залог извештајот од Европската комисија“. Социјалдемократите ги отфрлаат ваквите наводи, бидејќи, како што велат, со присуството на понеделничната координација покажале подготвеност за политички дијалог.
Парламентарниот спикер Трајко Вељаноски деновиве беше голем оптимист дека „разликите ќе се надминат и најдоцна до 15 јули измените на Деловникот да бидат верификувани во парламентот“. Тој сега ги повикува и „двете страни да ја спуштат топката и да постигнат компромис за да се испрати и позитивен сигнал пред ЕУ“. Сепак, како што стојат работите, за да се случи вакво нешто шансите се минимални.
Измените на Деловникот (донесен пред две години кога опозицијата го бојкотираше парламентот) беа договорени на лидерска средба уште лани во август, а во Собранието требаше да поминат најдоцна до декември. Токму со носењето на измените на Деловникот опозицијата ја услови поддршката на четирите закони, кои беа значајни за добивањето на позитивниот Извештај од Европската комисија минатата година.
За да добие Македонија позитивен заклучок за три недели во Брисел, освен измените на Деловникот направени со консензус, ќе се оценуваат и реформите во администрацијата и судство, вклученоста на помалите заедници во општеството и надминување на проблемите во енергетскиот сектор. (О.В.) |