Свечено одбележување на Денот на фондацијата „Трифун Костовски“
Во просториите на Македонската академија на науките и уметностите денеска напладне ќе се одржи свеченост, по повод одбележувањето на Денот на Фондацијата „Трифун Костовски“-12 мај.
Според предвидената програма, поздравна реч ќе има претседателот на Управниот одбор на Фондацијата, академик Цветан Грозданов, а потоа ќе биде промовирано најновото издание на Фондацијата. Станува збор за книгата „Слушате ли Каинавелијци? -книжевна гносеологија, Славко Јаневски, приредено од академик Георги Старделов. Изданието ќе го промовираат академиците: Катица Ќулавкова и Влада Урошевиќ, а стихови од Славко Јаневски ќе интерпретираат актерите: Софија Гогова-Врчаковска и Владимир Јачев.
Организаторите најавуваат обраќање и на фондаторот Трифун Костовски, а потоа следува музичкиот дел, во кој ќе настапи мандолинскиот оркестар при Младинскиот културен центар, под диригентската палка на Ване Јовчев. (Н.П.) |