Број 3280  среда, 12 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

„Утрински“ во Кан

Авантуристички старт на Канскиот фестивал

Легендарниот „Робин Худ“ во режија на Ридли Скот,
со Расел Кроу и Кејт Бланшет, го отвора 63. Кан

Од нашиот известувач
Сунчица Уневска


Кан - Филмот на американскиот режисер Ридли Скот „Робин Худ“ денеска го отвора 63. издание на Канскиот филмски фестивал (12 до 23 мај). Интересно е дека овој автор, кој зад себе има многу култни наслови, како што се: „Гладијатор“, „Истребувач“, „Осми патник“, „Телма и Луиз“, „Црниот дожд“, не бил во главната програма во Кан, освен со својот првенец „Дуалисти“ од 1977 година, кога и добива награда за најдобро деби. Во Кан се враќа во 1991 година, кога „Телма и Луиз“ беше прикажан вон конкуренција, исто како и новиот „Робин Худ“, со тоа што, конечно, ќе ја добие заслужената почест да го отвори најзначајниот и најгламурозен фестивал во светот.

На црвениот килим заедно со Ридли Скот ќе бидат главните актери Расел Кроу и Кејт Бланшет, а во филмот играат и: Вилијам Харт, Дени Хјустон, Макс фон Сидов. Новата верзија за познатиот јунак од Шервудската шума, овој пат се фокусира на раѓањето на легендата, со која пораснаа многу генерации. Интересно е дека и денеска многумина веруваат дека станува збор само за мит, иако Скот во филмот многу верно се навраќа на целата оваа авантуристичка приказна од 13 век, која има многу поголемо значење од духот на авантурата и романтизмот. Ридли Скот ќе се обиде да не потсети на времето кога Англија се наоѓа во незавидна положба по многуте војни и внатрешни судири, и кога Робин Худ и неговата дружина ќе се обидат да и ја вратат некогашната слава.

Веќе пишувавме за поголемиот дел од главната програма, во која годинава има повторно големи актерски имиња и поранешни лауреати, иако мора да се признае дека доста помалку од изминатите години. За изненадување годинава беше и тоа што во главната програма влезе само еден американски филм, но тоа не значи дека ги нема во другите програми. Но, да се потсетиме дека во конкуренција за „Златна палма“ оваа година се: Мајк Ли, Абас Киаростами, Такеши Китано, Никита Михалков, додека надвор од конкуренција ќе се прикажат и новите филмови на: Стивен Фрирс, Оливер Стоун, Оливие Асаја и Вуди Ален, кој самиот редовно одбива да биде вклучен во програмата за награди.

За престижната награда оваа година ќе се борат 18 филма од 15 земји. Најмногу филмови се од Франција, и тоа новите остварувања на Бертран Таверние, Ксавиер Бувоа и актерот Метју Амалрик, кој доаѓа со своето режисерско деби „Турнеја“, како и уште две копродукции на Франција со Алжир и со Чад во делата на Рашид Бушареб „Надвор од законот“ и Махамат-Салех Харун насловен „Човек кој вреска“.

Со два филма е застапена само уште Јужна Кореја, од каде се вклучени Ли Чанг Донг со драмата „Поезија“ и дебито на Им Санг-Со, кој направи римејк на познатиот класик „Куќна помошничка“. Присуството на Азија е силно, со дури пет филма вкупно, но затоа годинава речиси воопшто во главната програма не е застапена Латинска Америка, што беше исто така изненадување. Од Азија во главната селекција се вклучени и двајца поранешни добитници на наградата на жирито, и тоа кинескиот режисер Ванг Ксиаошуаи и тајландскиот Апичатпонг Верасетакул. Тука е и јапонскиот автор Такеши Китано, кој претходно во Кан беше со „Кикуџиро“, а годинава со криминалниот трилер „Навреда“. А од Латинска Америка единствениот претставник годинава е мексиканскиот автор Алехандро Гонзалес Инариту со уште еден интересен колаж на судбини насловен „Biutiful“.

Абас Киаростами во конкуренција, а Вуди Ален надвор од конкуренција, но и двајцата годинава ќе се претстават со романтични приказни. Киаростами својот филм „Копија на оригиналот“, за еден писател кој ќе отиде на романтично патување во Италија, за првпат го снимаше надвор од Иран, а главната улога и ја додели на Жилиет Бинош, хероината која годинава го краси официјалниот постер на фестивалот. Додека филмот на Вуди Ален, чиј наслов „Ќе сретнеш висок црн странец“ веќе навестува дека е тоа повторно во негов стил, една цинична романтична комедија, во која играат: Антонио Бандерас, Наоми Вотс, Џош Бролин и Ентони Хопкинс.

Од американските автори во конкуренција е само Даг Лиман со шпионскиот трилер „Фер плеј“. Станува збор за вистинска приказна за поранешна агентка на ЦИА, Валери Плејм, во кој играат Наоми Вотс и Шон Пен. А Оливер Стоун продолжението на филмот „Вол стрит“ насловено „Парите никогаш не спијат“ ќе го прикаже надвор од конкуренција, но не на затворањето, како што се очекуваше. Канските организатори, сепак, се одлучија фестивалот да го затвори филмот „Дрво“ на Џули Бертучели и некако се' да помине во знакот на францускиот филм.

Годинава се случија повеќе изненадувања. Кан очекуваше дека на листата ќе ги има францускиот режисер Франсоа Озон и американскиот Теренс Малик. Сите мислеа дека филмовите, кои требаше да бидат откриени дополнително, ќе ги вклучат и овие дела, но излезе дека, сепак, Озон и Малик отидоа во Венеција, што беше голем удар бидејќи последниве години Кан е дефинитивно најпосакуваната дестинација. Како и да е, во Венеција отидоа и Софија Копола и Џулијан Шнабел, чии последни филмови беа во конкуренција во Кан.

Но, да се вратиме на Кан и да потсетиме дека од регионот на Југоисточна Европа годинава во Кан влегоа само три романски филма, и тоа ниту еден во конкуренција. Во респектабилната програма „Извесен поглед“ ќе се прикажат делата на Раду Мунтеан и Кристи Пуиу, а надвор од конкуренција и „Автобиографијата на Чаушеску“ од Андреј Ујка. Од Источна Европа во трката влегоа рускиот автор Никита Михалков со „Лажливо сонце 2“, чиј прв дел доби Гран-при во Кан, како и украинскиот режисер Сергеј Лозница со дебито „Моја радост“.

Нашата земја заедно со земјите од регионот се здружија и решија барем заеднички да настапат на штандот на Југоисточна Европа, и да ја презентираат својата кинематографија на маркетот. Своите нови остварувања, продукции и авторски имиња низ брошури и заеднички денови ќе ги претстават: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Бугарија, Кипар и Македонија. Иако станува збор за активности кои се надвор од главната канска програма, сепак, претставувањето е значајно ако се има во обзир дека во Кан е присутна филмската индустрија од цел свет и над 33.000 нејзини претставници.

Што се однесува до фестивалот, и оваа година Кан ќе им посвети големо внимание на канските класици, а особено на важноста на реставрираните копии и на заштитата на врвните дела од нивно уништување. Овој пат канската публика ќе има можност повторно да ужива во: „Тристана“ од 1970 на Луис Буњуел, „Леопард“ од 1963 на Лукино Висконти и „Лимениот барабан“ од 1979 на Волкер Шлендорф, кои се и добитници на „Златна палма“, потоа „Африканската кралица“ од 1951 на Џон Хјустон, па се' до „Психо“ од 1960 на Хичкок.

Мастеркласата годинава ќе ја води италијанскиот режисер Марко Белокио, кој во официјалната програма на Кан досега бил дури десет пати. Последниот пат беше со „Победници“, односно со приказната за синот на Мусолини.

Главното жири годинава го предводи Тим Бартон. Домаќинка на свеченото отворање ќе биде британската актерка Кристин Скот Томас, а француската актерка Жилиет Бинош го краси визуелниот дел на годинешниот Кан. Мора да признаеме дека овие две прекрасни актерки и дами се одличен избор за продолжување на веќе двегодишната посвета на енигматичните филмски хероини. Филмската магија продолжува, а ние сме на почетокот, останува да видиме што се' ќе донесат претстојните 12 дена. (С.У.)


#
Статијата е прочитана 863 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Свечено одбележување на Денот на фондацијата „Трифун Костовски“
Ќуп со злато откриен на скопското Кале
Двотомно издание на „Дон Кихот“ на македонски јазик
Изложба на белите слики на Петар Мазев