Ученик во Домот за слепи нападнат на час
Некби Ибраими (лево) бил удрен од 50-годишен штитеник на Домот
Дваесет и едногодишниот Некби Ибраими, момче со 90 проценти оштетен вид, вчераутро бил претепан во училиштето за слепи во скопската населба Кисела Вода. Инцидентот се случил на часот по физичко воспитување кога момчето било нападнато од Џевад А. (50), штитеник на Домот за слепи. Од Здружението за деца и младинци „Самсун Ихтус РМ“, чиј член е Ибраими, велат дека насилството врз нивни членови е постојана практика.
„Децата шутирале фудбалска топка, дошол тој човек, кој и нема право да го посетува училиштето и без причина му се нафрлил со боксови и клоци на Некби“, вели Алишан Суаред, претседател на Здружението. Случајот бил пријавен во полиција, а од Здружението велат дека побарале средба со директорот на училиштето, но биле одбиени.
Во МВР го потврдуваат инцидентот, но велат дека тепачка немало, односно дека 50-годишниот Џ.А. бил удрен со топка, по што го фатил момчето за јакна и го укорувал. Против него нема да биде поднесена пријава.
Лазар Трпчевски, директор на училиштето, вели дека непотребно се драматизира целиот случај.
„Децата со топка го удриле Џевад, тој инстинктивно реагирал, го удрил не сакајќи, а потоа му се извинил на момчето“, тврди Трпчевски. (Г.А.) |