Хаџиќ одлета во Хаг
Пред летот кон Шевенинген, ја посети мајка си
БЕЛГРАД – Хашкиот обвинет Горан Хаџиќ со владин авион вчера околу 12,15 часот одлета за Холандија. Хаџиќ дојде на аеродромот од Нови Сад каде што беше во посета на мајка си. Дека владиниот авион полета за Хаг, потврди и министерската за правда, Снежана Маловиќ, која вчера околу 10 часот го потпиша налогот за испорачување.
Околу 12 часот колона џипови запре на пистата на аеродромот „Никола Тесла“, пред авионот, кој на себе ги имаше знамето и грбот на Србија, веројатно, истиот оној што во Хаг го префрли и Ратко Младиќ. Во колоната имаше околу шест-седум џипа и возило за итна помош. Хаџиќ вчера изутрина околу 8,25 часот ја напушти зградата на Специјалниот суд, од каде што беше однесен во Нови Сад да ја посети мајка си, која е на умирање.
Претходно одбраната на Хаџиќ ги потпиша документите за откажување на последниот хашки бегалец од правото на жалба за испорачувањето, што ја потпиша Хаџиќ претходниот ден, а по што списите се испратени во Министерството за правда. По потписот и на министерката Маловиќ, отстранета е и последната пречка Хаџиќ да биде испорачан во Хаг.
Хашкиот трибунал соопшти дека судија во претпретресниот процес против Горан Хаџиќ ќе биде заменик-претседателот на тој суд, судијата О Гон Квон. По испорачувањето на Хаџиќ во Хаг, судијата О Гон Квон ќе закаже седница на која обвинетиот ќе има можност да се изјасни за вината за злосторствата во Хрватска, а потоа ќе се одреди следната статусна конференција. Хаџиќ по писмен пат се одрече од правото на жалба. Поранешниот претседател на Република Српска Краина пред Хашкиот трибунал во 14 точки се товари за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување. Хаџиќ е деветиот хашки бегалец што го уапси Србија во последните осум години. (Б-92) |