Грција ќе се опари

Дополнителни 159 милијарди евра за да се понесе огромниот товар од 340 милијарди евра долгови
Лидерите на земјите од еврозоната договорија нов пакет финансиска помош за Грција и за еврото. За првпат е договорено и учество на приватниот сектор во помошта, но на доброволна база.
Грција ќе добие најмалку 109 милијарди евра за да може полека да го понесе огромниот товар од 340 милијарди евра долгови. Европскиот фонд за спас, ЕФСФ и ММФ треба на Грција да ие' стават на располагање кредити, но со пониски каматни стапки отколку досега - 3,5 наместо 4,5 проценти, а рокот за отплата ќе биде до 30 години. Грчкиот премиер Јоргос Папандреу ја потенцира европската димензија на програмата за спас, но и нејзиното значење за Грција:
„Ние сме горд, креативен и трудољубив народ. Она што бараме е правото да спроведеме големи трајни промени во нашата земја. Ние ќе ги спроведеме реформите за нашата држава да ја направиме способна за функционирање, да овозможиме развој и работни места.“
Од новите поволни кредити ќе профитираат и другите земји, како Португалија и Ирска. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо укажа на проширувањето на компетенциите на Фондот за спас:
„Се договоривме за многу амбициозна реформа на Фондот, која треба да го направи пофлекисибилен и поефикасен.“
Европскиот Фонд за спас сега може да купува грчки државни обврзници на секундарниот пазар, значи од банките �� другите евро-земји, заради стабилизирање на Грција. Освен тоа, ќе може да им помага и на земјите за да не западнат во должничка криза.
Приватниот финансиски сектор, пак, објави подготвеност да ја поддржува Грција на доброволна база со редица мерки. Меѓу нив спаѓаат замената на грчките обврзници со нови хартии со подолг рок, што финансиските институти ќе ги чини околу 20 проценти загуба. Францускиот претседател Никола Саркози, меѓутоа, појасни дека учеството на банките нема да биде правило:
„Она што го преземаме за Грција за да ја оспособиме да се носи со долговите, нема да го направиме за ниедна друга земја од еврозоната, Грција е специјален случај“.
Додека да се реализираат новите мерки, што е предвидено за наесен, Грција може делумно да важи за платежно неспособна. За да се надмине таа фаза, која во најдобар случај ќе трае неколку дена, а во која рејтинг-агенциите ќе ја оценат со најслаба оценка на платежноста, евро-земјите мора да положат гаранции кај Европската централна банка, за да се избегне банкрот на грчките, но и другите банки.
На грчкото стопанство ќе му биде помогнато и со еден вид Маршалов план, со кој ќе бидат поддржани структурно слабите региони. Германската канцеларка Ангела Меркел особено инсистира на тоа:
„Секогаш истакнував дека не се работи за спектакуларно ослободување од долговите, туку грчкиот пат кон повторна стабилност и конкурентност мора да биде контролиран процес и уверена сум дека ќе успееме во тоа.“ (Дојче веле)
Радост и негодување меѓу Грците
атина-„Нов спас, нова голема оддишка за Грција и еврото“, „Спас за грчката економија со нови мерки“, „Договор - спас за Грција и за еврозоната“, се најчестите наслови во грчките медиуми за новиот план за справување со грчкиот долг од 350 милијарди евра. Сепак, покрај оние што поделија доза оптимизам за новата одлука се издвоија „Прото тема“, кои коментираат дека оние што ја довеле Грција до банкрот се радуваат на новиот заем што може да ја продлабочи кризата, но и „Елефтеротипија“, која коментира дека новата финансиска помош ќе биде 30-годишно лихварско крвопиење за Грција и за грчкиот народ. Некои медиуми и експерти коментираат дека ова не е ништо друго, туку дополнителен чекор до уште подраматичен грчки банкрот.
Премиерот Јоргос Папандреу по Самитот и за време на вчерашното излагање во парламентот истакна дека ова е голема победа за Грција и заслуга за грчкиот народ, кој секојдневно се бори со проблемите од економската криза, но и успешно конечно враќање на грчката гордост и доверба во светски рамки. „Ние сме горд народ, народ кој напорно работи и единствена работа која бараме е право да направиме промени“, задоволно изјави Папандреу, кој на неколку дена пред Самитот побара лидерите на ЕУ сериозно да се стегнат и да донесат одговорна одлука што ќе ја спаси не само Грција, туку целата еврозона. Грчкиот премиер вети дека со новата финансиска помош Грција ќе успее да го скрати долгот од 350 милијарди евра за најмалку 26 милијарди евра до 2014 година. „Ова беше, како што ќе се види временски, и еден личен облог. Борбата за ова ја водев мислејќи на народот. Верувам секогаш во Грција и во нашите можности“, додаде премиерот коментирајќи дека на почетокот никој во ЕУ не ја слушал Грција.
Новиот „цар“ на министерството за финансии, Евагелос Венизелос, коментираше дека со новата одлука ЕУ им дава голема поддршка на грчките банки, осигурувајќи ја нивната ликвидност и целосно покривајќи ги нивните финансиски потреби. „Европа вчера даде јасна порака до светските пазари“, истакна Венизелос.
Опозициската Нова демократија ги оцени одлуките на Самитот како само купување време за да се одржи во живот грчката економија, која бавно, но сигурно умира, се само машина за вештачко одржување во живот. (М.П.)
Баросо: Случајот Грција е единствен
Случајот Грција е единствен и дека одлуката се однесува само на неа и на ниту една друга држава, предупреди претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо.
Легард: Олеснување во светот
Постигнатиот договор ќе има позитивно влијание врз целата светска економија, смета извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, по средбата на лидерите од еврозоната во Брисел. ММФ „ги поздравува важните чекори, преземени од лидерите на земјите од еврозоната и ЕУ.
Филон: Ќе дадеме 15 млрд. евра
Париз - Францускиот премиер Франсоа Фијон, еден ден по самитот на eврозоната во Брисел ја запозна француската јавност дека Франција за вториот план за „спасување“ на Грција ќе треба да издвои 15 милијарди евра до 2014 година, зборувајќи за „индиректните“ последици од постигнатиот договор во Брисел.
|