Трагедијата на Матка отвори многу прашања

Инструкторот на Елена Костовска наведува грешки во протоколот како причини за несреќата на Матка
Три дена по несреќата на кањонот Матка, и натаму останува нејасно како и зошто загина 19-годишната битолчанка Елена Костовска. МВР и другите надлежни институции се' уште истражуваат и молчат дали смртта на младата алпинистка е последица на несреќа или на човечка грешка.
Официјално е потврдено само дека Костовска починала по тешките повреди на главата. Ова го утврди обдукцискиот наод во Институтот за судска медицина во Скопје. Нејасно е зошто кањонот Матка нема свој сопствен тим за спасување ниту, пак, како е можно на опасните карпи да може да се искачува кој сака и кога сака без притоа да бара дозвола.
Битола е потресена од трагедијата на младата алпинистка, чиј живот заврши во бездна длабока 40 метри во кањонот на Матка. Елена беше спортски искачувач со лиценца, што подразбира дека била комплетно способна да се искачува дури и без придружба. Таа беше еден од најнадежните млади спортски искачувачи на Балканот, член на државната репрезентација на Македонија.
Несреќата на младата и искусна алпинистка, која на 16 години се искачи на Мон Блан на височина од 4,810 метри, ја остави отворена дилемата за причините за нејзината смрт. Дел од тајните заминаа со Елена, чие тело вчера беше погребано на Светонеделските гробишта во Битола.
Искачувањето по карпите во атарот на селото Шишево во близина на манастирот „Св. Никола“ во саботата беше само подготовка, тренинг на алпинистите од Битола за државниот натпревар за планинарско искачување во затворен простор закажан за неделата.
Инструкторот на Елена, Горан Кузмановски (27), еден од основачите на клубот „Вертикал“, вознемирен поради трагедијата и се' уште под стрес, раскажу��а дека три моменти влијаеле на несреќата. Во кобниот миг Елена не носела заштитен шлем на главата, што претпоставува дека е причина за тешките повреди на главата. Тој вели дека Елена ја доживеала несреќата при спуштање од карпата.
„Елена не го носеше шлемот две минути пред да се случи инцидентот. Во моментот на падот, поради необјасниви причини, дали и' беше жешко или не знам што се случи, таа го извади шлемот и тргна без него. Елена падна од два метра до земјата. Падна наназад и, најверојатно, првиот удар го добила во главата, а потоа се тркалала по стрмен терен“, раскажува вознемирено Кузмановски.

Како втор момент тој го навредува пропустот во протоколот на искачување.
„Им наредив на членовите да ме чекаат на зборното место на ливадата кај манастирот. Елена отсекогаш беше најдисциплинирана, но првпат не ме послуша и пред да стигнам таа сама, на своја рака и на своја одговорност, почна да се искачува. Дури и другите членови од клубот ја разубедувале, но таа им кажала дека е в ред и дека може да продолжи. Барем да ме почекаше“, вели во очај и со трепет инструкторот на Елена.
Иако за него беше тешко да објаснува со зборови кои можат да ги разберат обичните луѓе непознавачи на овој спорт, сепак, вели дека во последното искачување Елена одбрала и погрешна опрема.
„Качувањата се поделени на сектори, а таму имаше патеки со одредена карактеристика. Елена ја совлада тежината без проблем, но избра опрема што не беше најсоодветна. Опремата беше добра, но не најдобра. Јажето врзано на неа беше добро, но јазолот од другата страна се отпушти“, вели Кузмановски.
За инструкторот, одговорноста за оваа, но и за трагедиите воопшто во овој спорт, пред се', е на самиот спортист. Тој вели дека овој спорт е безбеден само ако се почитуваат правилата, бидејќи статистиката потврдувала дека најголемиот процент на несреќи се случувале на места каде што спортистот смета дека го познава теренот.
„Секој спортист потпишува изјава дека е свесен за ризиците и дека треба се' комплетно да проверува. Тоа ви е исто како професионален шофер кога вози без ремен. Но, проблемот кај вакви инциденти е токму тоа што спортистите, мислејќи дека го познаваат теренот, го губат стравот. Секогаш трагедиите се случуваат на место каде што спортистот не чувствува страв и се олабавува“, напоменува Кузмановски.
На Интернет-страницата на Спортската качувачка асоцијација (СКА) точно се пропишува секој детаљ за безбедност при натпреварите во овој опасен спорт. Од членката се бара да ги обезбеди сите безбедносни мерки и да биде подготвен искусен медицински персонал. Секоја заштитна точка да биде обезбедена со брза гуртна, со која натпреварувачот ќе го поврзе јажето.
„Леплива лента може да се користи за да ги држи петлите од јажето заедно; под никакви околности таквите јажиња не смеат да се скратат или да се приспособат со јазли. Под никакви околности синџирот со нормална должина од гуртни (меѓусебно поврзани или со маилон рапид или карабинери) не смее да се употреби. Гуртна со јазол, јаже или лента не смеат да се дозволат“, пишува на сајтот на СКА. Секој натпреварувач треба да биде опремен во согласност со ИФСЦ-правилата. Секој натпреварувач мора да има осигурувач, кој, пак, може да има асистент.
„Секое појавување на натпреварувачот на патеката треба да биде снимено од искусен камерман. Најмалку едно, а по можност две видеокамери по етапа е пожелно да се користат“, напоменува СКА.
Што се однесува до локалитетот Матка и ризичноста од искачувањето на овој терен, според искуството на инструкторот Кузмановски, кањонот на Матка во споредба на пример со Демир Капија, има поронлива конфигурација, што ја прави Матка и поризична за спортување. Но, како што вели тој, теренот воопшто не бил причина за оваа трагедија.
На Интернет-страницата на Спортската качувачка асоцијација е напоменето да се внимава на Матка.
„Структура на карпа: варовник. Внимавајте, напролет има големи одрони. Секогаш носете заштитен шлем!“, предупредуваат од Асоцијацијата. Според нив, најдобриот период за качување на Матка е од март до јуни и од септември до ноември.
Со Матка управува Спелеолошкото друштво „Пеони“. На сметка на неговото работење има многу критики.
„Место кон Матка да се однесуваме како кон споменик на природата, ние ја третираме како излетничко место. Од ‘Пеони‘ немаат капацитет, ниту кадар да раководат со Матка. Нема спасувачка служба, нема ништо. Секој може слободно да почне да се искачува по карпите, а никој нема да го праша што прави таму и дали е способен. Има информативен туристички центар, кој никаде не е регистриран, кој за продадените сувенири не издава фискална сметка, а фискални не издаваат ниту чамците што возат до пештерите“, обвинува Гордана Јанаќиевска, продукт-менаџер на проектот „Крале Марко ленд“.
„Матка, покрај тоа што има статус на заштитена зона, има и статус на рекреативно место. Матка е и познато алпинистичко вежбалиште. Исто како на Водно, секој може слободно да дојде. Дозвола не му треба“, вели првиот човек на „Пеони“, Иван Жежовски. Тој признава дека кањонот не поседува свој спасувачки тим.
„Има програми што предвидуваат и спасувачки тим, но тие бавно се реализираат поради немање пари или немање слух. Од друга страна, алпинизмот е опасен спорт, па прашање е колку во ситуации слични на саботниот може да сторат и спасувачите“, објаснува Жежовски.
Немањето спасувачки тим на Матка како проблем го истакнуваат и од Црвен крст на Македонија. Координаторот за подготвеност и дејствување при катастрофи на Црвен крст на Македонија, Али Самит, вели дека по саботната несреќа му се јавиле од Центарот за управување за кризи и побарале спасувачи. Црвен крст има спасувачки тим на Водно, па оттаму биле повикани двајца спасувачи да одговорат на барањето и да пристигнат на Матка. Нивниот извештај вчера требаше да биде готов.
„Располагаме со петнаесетина лица, обучени да одат на терен, кои посетуваа и меѓународни курсеви. Се бориме ваков спасувачки тим за итни интервенции на планина да се оформи и на Матка“, вели Самит.
Кањонот на Матка и досега беше поприште на несреќни случаи. Пролетоска германски турист падна при обид да го фотографира кањонот, а предходно јавноста ја вознемири случајот кога момче со часови висеше од карпа откако отишло на непристапен терен да фаќа пеперутки. Пред десетина години, по пад од карпа на Матка загина скопјанец.
По загубата на Елена се постави прашањето дали Македонија има услови за алпинизам и колку е подготвена за овој спорт. Искусниот битолски алпинист Драган Ристевски е категоричен дека Македонија ги нема исполнето условите за безбеден алпинизам, иако има исклучително добри и примамливи терени за искачување.
„Алпинизам, параглајдерство и едриличарство се спортови за кои Македонија, за жал, не ги исполнува стандардите за да може да ги експлоатира. Причината е во тоа што овие спортови ги практикуваат млади лица ентузијасти, луѓе кои се желни за успех за достигнувања за да ја манифестираат својата храброст. Но, нема инфраструктура да бидат прифатени во несакани состојби во услови кога се случуваат несреќи“, вели Ристевски, член на претседателството на Планинарскиот сојуз на Македонија. (Г.А.-А.Б.)
|