Пазарот во Шутка работи во лер
Се смирија тензиите по завчерашниот инцидент, но пазарџиите од страв ги нема на тезгите
Горан Адамовски
Само помал дел од 500 тезги на пазарот во скопската населба Шуто Оризари вчера беа натрупани со стока. По завчерашниот судир меѓу пазарџиите и полицијата, поради акцијата на инспекцијата за запленување фалсификувана стока, во која полесно беа повредени неколку граѓани и полицајци, најголемиот дел од трговците решија да земат слободен ден.
Веројатно, поради страв од инспекцијата и од нови судири со полицијата, пазарот беше невообичаено празен. Ги немаше ниту муштериите, кои секојдневно го прават пазарот меѓу најфрекфентните места во градот.
„Се плашат луѓето и да продаваат и да купуваат“, велат малкутемина пазарџии што и вчера се осмелија да продаваат. Педесетгодишниот Алберт ја отвори својата тезга околу 9 часот. Ги посла маиците, блузите, панталоните и тренерките на тезгата и ги чекаше купувачите. Како што вели, немало зошто да се плаши од инспекции, бидејќи стоката што ја продавал не била бренд.
„Еве, продавам женски блузи за 100-150 денари, каков бренд е тоа“, ни вели Алберт. Според него, поголемиот дел од неговите колеги продаваат таква стока. „Кај ни се исплаќа да набавиме брендирана облека? Па, кој ќе купи, тука доаѓаат сиромашни луѓе“, вели пазарџијата.
Неговиот сосед, Музафер, продава ролки што ги крстил Шехерезад. Сто денари парче. Тврди дека заработувачката е минимална, но, како што вели, подобро на тезга, отколку да пребарува контејнери.
„Тезгата ја плаќам 2.000 денари, месечно чисти ми остануваат помалку од 100 евра, а треба семејство да се храни“, вели Музафер.
Пазарџиите се сложни дека пазарната инспекција треба да си ја врши работата, но негодуваат дека инспекторите зеле се' што им дошло при рака, тврдејќи дека воопшто не воделе сметка дали станува збор за фалсификувана брендирана стока или, пак, за обични парчиња облека.
„Директно одговорен за вчерашните немили настани е претседателот на Координативно тело за заштита на интелектуалната сопственост и авторските права, Мите Костовски, поради што ќе побараме одговорност од него“, рече Екрем Долек, претседател на Здружението на пазарџиите.
„Пазарџиите се последното место каде што треба да се реагира за продажба на фалсификувана брендирана стока. Тоа треба да се направи во Царината, кај увозниците и слично, бидејќи брендот се штити на граница, а не на пазар“, рече Долек.
Градоначалникот на Општината, Елвис Бајрам, смета дека за инцидентот биле виновни двете страни, односно и полицијата и пазарџиите.
„Ромите се мирен народ и не беше неопходно таа да се спроведе со асистенција на над 200 припадници на специјалната полиција. Доволно ќе беше инспекторите да дојдат и да си ја вршат својата работа со придружба на 10-ина полицајци и тврдам дека немаше да имаат никаков проблем и отпор за одземање на стоката“, рече Бајрам. Градоначалникот тврди дека четириесетина граѓани биле удрени од полицајците, но дека никој од нив не побарал лекарска помош.
Во МВР, пак, сметаат дека било крајно „невкусно“ да се бара вина во полицијата, бидејќи „сцените од каменувањето на полицајците ги видела целата земја“. Во МВР велат дека ги разгледуваат ТВ-снимките од инцидентот, по што ќе бидат поднесени кривични пријави. Тие апелираат до надлежните во Општината да помогнат при идентификацијата на насилниците, со цел виновниците да не се генерализираат меѓу целокупното ромско население. Според МВР, полицијата не употребила прекумерна сила, потврдувајќи дека ниту еден граѓанин не поднел претставка до Секторот за внатрешни работи.
Инцидентот се случи завчера попладне кога пазарната инспекција заплени стока вредна дваесетина илјади евра, по што пазарџиите се солидализираа и со камења ги нападнаа полицајците што вршеа асистенција. На терен излегоа и полициските специјалци, кои со штитови пред себе се обидуваа да се спасат од камењата што летаа кон нивните глави. За да ја растераат толпата, тие беа принудени да употребат и солзавец. |