Уставниот суд преплавен со оспорени закони
Брзината на донесување закони се рефлектираше и со иницијативи за нивно оспорување
Гордана Дувњак
Уставниот суд е преплавен со нови иницијативи со коишто се оспоруваат неодамна донесени законски акти, кои предизвикаа голем интерес во јавноста, но и бројни реакции меѓу стручњаците.
Најголемиот број од нив се однесуваат на прописи коишто ги донесе новото парламентарно мнозинство, додека помал е бројот на оние кои се однесуваат на работата на локалните власти. Само за време на летната ферија, пристигнале 40-ина иницијативи, а почнувајќи од 1 септември наваму, се очекува вистинска лавина од нови барања за проверка на уставноста и законската регулатива изгласана од централната власт.
Новиот парламентарен состав почна со работа на 21 јуни. Еден месец подоцна, на 26 јули беше избрана новата рекомпонирана влада на премиерот Груевски во која, покрај најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, партиципира и ДУИ, на местото на ДПА.
За познавачите на оваа материја, ваквата појава не е никакво изненадување и, главно, се должи на фактот што грото од оспорените закони кои засегаат во чувствителни сфери, се донесени набрзина, во скратена парламентарна процедура, без да поминат низ собраниските комисии, но и со отсуство на поширока јавна расправа.
Пред уставните судии, повторно на преоцена се најде поделбата на Клинички центар, за која еднаш веќе беше донесена поништувачка одлука. Но, овој пат, со сменет титулар, па наместо Владата, како иницијатор за поделбата се јавува Собранието. Оспорен е и Законот за стечајци, кој беше еден од првите закони што ги донесе новиот законодавен дом, а како резултат на ветувањата дадени во предизборната кампања за предвремени избори. Првата иницијатива е поднесена на 12 август од поединец-адвокат, но во меѓувреме стасале и десетина други барања, кои сите заедно се споени во еден предмет. Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров го проблематизира Законот за ратификација на Привремената спогодба меѓу Македонија и Грција склучена во Њујорк во 1995 година.
Се бара проверка на уставноста и законитоста на неодамна донесените измени на Законот за адвокатура, за Нотаријатот, за градба, за градежно земјиште, за судска служба, за постапување по претставки, за гробишта, за трговски друштва, за даночна постапка, за шумарство и лов, за електронски комуникации. На преоцена пред Уставниот суд се најде и новиот Деловник, во кој се оспоруваат дури 28 члена.
Меѓу оспорените проекти, кои предизвикаа големо медиумско внимание, се вбројува и Одлуката на Советот на Општина Центар, со која се предвидува изградба на нова црква во најстрогото градско подрачје, наречен „Мал ринг“. Зад иницијативата, која е поднесена на 28 јули, стои потписот на скопскиот градоначалник Трифун Костовски, кој повеќе пати јавно го искажа своето незадоволство од намерата на премиерот Никола Груевски по секоја цена на тоа место да изгради црковен храм.
Но, ова изгледа не е се'! Бранот од нови барања изгледа дека допрва ќе го заплисне Уставниот суд, кој од почетокот на годинава, па заклучно со 1 септември, има добиено над 180 нови иницијативи. Деновиве, во медиумите веќе се пишува и за намерата на „Макпетрол“ да го оспори контроверзниот Закон за експопријација, а се говори, дека прашање на ден е кога ќе се оспорат и законите за енергетика, за работни односи, за лобирање...
„Новините сами по себе не носат квалитет, туку се добива впечаток дека намерата на власта е да ги пополни законските празнини и да се донесат што е можно поголем број закони“, смета Стамен Филипов, познатиот „уривач“ на закони пред Уставниот суд. Вели дека тој самиот неодамна лично поднел 25 иницијативи, а уште 19 нови се' уште му се во фаза на евидентирање.
„Има многу промашувања. Не случајно претседателот на државата, Бранко Црвенковски, не потпишуваше неколку спорни закони, затоа што во нив има навистина многу небулози. Еве, Собранието донесе нов Деловник, а таму цела една глава е сосема непотребна. На студент по право од прва година му е познато дека не може со Деловник да се регулираат правата и обврските на пратениците, туку само начинот на функционирање на законодавниот дом“, тврди Филипов.
Прашање е како со ваквиот прилив од нови предмети ќе се справат уставните судии, кои со месеци работат во некомплетен состав. По оставките на два члена ( Махмуд Јусуфи и Бајрам Положани), кои уште во октомври минатата година се повлекоа во знак на незадоволство од одлуката за употреба на знамињата и заминувањето на Мирјана Лазарова - Трајковска на нова функција во Стразбур, Уставниот суд работеше со само шест члена. Со изборот на Исмаил Дарлишта за нов уставен судија, кого го предложи собраниската Комисија за избори и именување, испразнети остануваат уште две места. И покрај најавите на шефот на државата, Бранко Црвенковски, дека веднаш по враќањето на опозицијата во парламентот, ќе номинира двајца кандидати, тоа се' уште не е сторено. Последната изјава на Црвенковски дадена пред празниците е дека тоа ќе го направи „наскоро“, откако во парламентот ќе се врати и опозициската ДПА.
Профункционирањето на Уставниот суд со целиот свој кадровски капацитет е повеќе од потребно, затоа што и без тоа оваа институција има работа преку глава и од неа се очекуваат одлуки за битни прашања.
|