Стразбур ќе решава за сопственоста на „Градиште“
За сопственоста на атрактивниот камп „Градиште“ во близина на Охрид ќе решава Стразбур. Неколку семејства од Пештани, незадоволни од решенијата на правосудните институции во Македонија за предмет од денационализацијата, решиле да се пожалат кај Меѓународниот суд за човекови права. Пештанци кои го бараат правото на сопственост за парцели во „Градиште“ цврсто се убедени дека правдата е на нивна страна.
Интересно е тоа што во текот на оваа 2008 година жалбите на граѓани од Грција и од Турција за правото на сопственост во неколку случаи биле позитивно решени
„Судот во Стразбур ја прифати жалбата на четири семејства за осум локации во автокампот ’Градиште‘. Оттаму веќе добивме повратен одговор дека предметот е архивиран и влезен во процедура. Веруваме дека сме на вистинското место од каде што очекуваме конечно да го добиеме спорот со државата Македонија онака како што посакуваме“, изјави вчера за „Утрински весник“ Ѓорѓи Танески, претседател на Здружението за враќање на одземените имоти од Пештани.
Главна причина за жалбата е тоа што тие многу години се бореле за враќање на национализираните имоти во „Градиште“, но дека судовите играле пинг-понг со предметите, шетајќи ги од Првостепената и Второстепената комисија до Управниот суд и обратно.
Според Танески, членови на комисии од Министерството за финансии ургирале во Стразбур за да ги стопираат нивните жалби, но не им успеало тоа. Тој тврди дека поранешниот претседател на Првостепената комисија за денационализација надлежна за Охрид Славко Лазевски бил разрешен поради неговата работливост и преголема транспарентност, а дека неговата наследничка по функција е „човек на власта која работи зад грбот на премиерот“. Судот во Стразбур е претрупан со предмети и од тие причини решенијата се донесуваат најрано за една година, а најдоцна за пет години. (К.Ч.) |