Бранителите скептични за понудата на Груевски
Хрватскиот Закон за бранителите, според здружението на професионалните војници „Достоинство“, е прифатлив
Светлана Унковска
Хрватскиот Закон за правата на бранителите и членови на нивните семејства, според здружението на професионалните војници „Достоинство“, е прифатлив. Но, малкумина од нив верува дека таков закон би се спровел кај нас. Понуда за ваков закон со кој би се решиле правата на бранителите, наводно, стигнала од премиерот Никола Груевски. Тој тврди дека бил одбиен од бранителите, но и понатаму стои на понудата како модел за остварување на нивните права.
На прес-конференција во неделата од Здружението ја демантираа изјавата на Груевски дека премиерот го понудил хрватскиот модел. Притоа, беше изразена голема доза скептицизам дека, воопшто, постои волја да се реши, особено што тоа се изнесува во предизборен период и го подразбираат единствено како политички маркетинг.
Вчера и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, се јави со соопштение во кое вели дека ги почитува сите оние кои застанале во одбрана на интегритетот и смета дека е исклучително значајно државата да покаже грижа за бранителите.
„Јас како министер за внатрешни работи, министерот за одбрана и уште неколку членови на Владата во неколку наврати имавме средби со претставници на здружението „Достоинство“. Притоа, им беа презентирани предлози за изнаоѓање одржливо решение за бранителите, според моделот кој е применет во Република Хрватска. За жал, раководството на здружението не покажа подготвеност за каква било модификација на нивниот предлог-закон доставен до Собранието како иницијатива на граѓани“, министерката Јанкуловска ја потврди изјавата на премиерот Груевски.
Претседателот на здружението „Достоинство“, Стојанчо Ангелов, сепак, вели дека сето она што од хрватскиот закон може да се примени во Македонија е прифатливо, но и неприменливото може да се приспособи на македонски услови. Според верзијата на законот што тие претходно ја понудија, предвидено е при вработување на бранителите ослободување на работодавецот од давачки спрема државата. На тој начин и работодавците ќе бидат стимулирани да ги вработуваат бранителите затоа што за нив нема да плаќаат давачки.
„И покрај тоа што во Хрватска е огромна бројката на загинати, исчезнати и ранети бранители, сепак, таму нивните права се уредени и тие не се оставени на улица. Кај нас и покрај тоа што бројката е многу мала, имаме околу 300 воени инвалиди и околу 30-ина деца за кои државата треба да се погрижи за нивно вработување откако тие ќе пораснат, сепак, се проблематизира донесувањето на правата кои ги бараме. Во постојниот закон за посебни права е предвидено предност при вработување да имаат бранителите, но тоа никој не го почитува“, вели Ангелов.
Со законот за правата на хрватските бранители, на кој се повикува Груевски, е уреден начинот на остварување право на вработување на здравствена заштита, на пензиско осигурување, додаток за деца, на станбено обезбедување, како и право на акции во општествени фирми.
Во однос на вработувањето, хрватскиот закон предвидува војниците кои учествувале во војната да останат на работа во Армијата или полицијата до пензионирањето, додека професионалните војници кои не биле во војна по исполнувањето на старосната граница добиваат солидна испратнина за да започнат сопствен бизнис. „Вакво право има и кај нас“, вели Ангелов, но сумата е сосема симболична и изнесува околу 500 евра.
Доколку сакаат да земат работни простории под закуп за вршење одредена професионална дејност, тогаш општините, градовите и хрватската државата имаат обврска под посебни услови и со приоритет да им издаваат работни простории.
Хрватскиот закон за нивните бранители предвидува и ослободување од трошоци при здравствената заштита, односно од партиципација на воените инвалиди и на семејствата на загинатите, како и право на бесплатна рехабилитација. Доколку имаат потреба од лекување во странство целокупните трошоци паѓаат на товар на државата, а посебни повластувања бранителите имаат и при станбеното обезбедување. Законот предвидува и право на акции од државни фирми кои веќе се приватизирани или ќе се приватизираат, без наплата.
|