МАТ може да остане без дозвола за работа?
МАТ должи над 20 милиони евра, тврди АЦВ, а ова стои и во информацијата што ќе ја разгледува Владата идната недела
Соња Маџовска
Се подготвува ли терен за да му се одземе лиценцата за работа на МАТ?
Агенцијата за цивилно воздухопловство веќе испратила информација до Владата за состојбите во национален авиопревозник. На прашањето дали постои можност МАТ да остане без дозволата за работа, в.д. директорот на Агенцијата, Зоран Крстевски, одговори дека се' ќе се знае откако Владата ќе ја разгледа оваа информација, која е ставена на дневен ред веднаш по изборите. Во неа стои дека долговите на македонскиот авиопревозник достигнале над 20 милиони евра. Од нив МАТ кон АЦВ има неплатен долг од над два милиона евра, на Јавното аеродромско претпријатие му должи 3,6 милиони евра, на „Еуроконтрол“ 2,5 милиони евра, на ЈАТ 7,9 милиони евра, а на фирмата „Бомбардие“ за новиот авион МАТ должи 3,9 милиони евра. Владата, покрај долговите, ќе испитува и дали МАТ има доволно авиони, стручен кадар, дали фирмата редовно им исплатува плати на вработените, има ли финансиска моќ редовно да ги сервисира обврските, се делат ли откази и дали во меѓувреме дел од раководството се повлекло. Ова на вчерашниот брифинг со новинарите го најави раководството на АЦВ, кое вели дека МАТ не ги ставил долговите во завршната сметка, на која нема ни потпис од овластен ревизор. „Во Уредбата за безбедност во авиосообраќајот постојат критериуми, меѓу кои и економски, кои доколку некој не ги исполнува можат да бидат основа за одземање на дозволата за работа“, објаснуваат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Веднаш реагираа и од МАТ. Оттаму вчера најавија дека ќе поднесат тужба за клевета против Зоран Крстевски околу изнесените невистини за висината на до��говите на националниот авиопревозник. Надлежните објаснуваат дека за голем дел од долговите течат судски постапки и дека дури по нивното завршување ќе се знае колку изнесува вкупниот долг на МАТ. Ѓорѓи Чачкиров директор на МАТ, посочи дека не постои одредба врз која некоја институција во државава има право да ги оценува долговите на македонскиот авиопревозник. Од МАТ вчера повторно го обвинија Крстевски дека е заговорник на идејата дека на Македонија не и' треба ниту национален ниту редовен авиопревозник.
Што се однесува на неодамна парафираната спогодба меѓу Швајцарија и Македонија, на која остро се спротивстави МАТ, а со која го изгуби ексклузивитетот на линијата Цирих - Скопје, од АЦВ објаснуваат дека спогодбата ќе значи либерализација на авиосообраќајот меѓу двете држави. „Се' додека за таа релација не се регистрира друга компанија во Македонија, МАТ не губи ништо“, велат од АЦВ и уверуваат дека либерализацијата ќе резултира со поголема конкурентност и пониски цени на релацијата Скопје - Цирих, на која граѓаните се' помалку патуваат.
Со промената на Спогодбата не се опфатени чартер-летовите, за кои дополнително треба да се постигне договор за три месеци.
Од МАТ вчера ги повикаа Владата и Собранието да не ги поддржат измените во Спогодбата со која македонскиот авиопревозник го губи правото да биде единствен авиопревозник кон оваа држава. Тие предупредуваат дека, доколку се усвои оваа спогодба, земјава ќе нема редовен авиопревозник. |