Уживаме во гостопримството на домот
Џевад Алибеговски
Јас, дедо Џевад, мојата сопруга баба Цвета, на 84-годишна возраст, уживаме во гостопримството на домот „Мери Терзиева“.
Еве како дојдовме овде, во овој вистински дом за стари лица: веќе неколку години, децении сме пензионери со мојата сопруга, таа бивша учителка, јас бивш лекар. И двајцата работевме на места на кои имавме постојани контакти со луѓе. Пензионирањето ни го ускрати тоа задоволство. Баравме излез од самотијата, која не обземаше со смалувањето на контактите со луѓе. Нашите деца станаа возрасни луѓе со свои семејства, вдомени, со свои секојдневни обврски. Нашите пријатели исто така се соочуваат со старечките проблеми, а многумина, за жал, веќе ги нема меѓу живите.
Баравме средина со повеќе луѓе и контакти, спремни да ни помогнат не само во самотијата туку и во нашите здравствени проблеми, кои со годините се зголемуваа. Ни беа посочени старечките домови, поблаго кажано, домовите за стари лица. И тргнавме во потрага. Патот не' доведе пред вратите на овој дом каде што сме сега.
Ова е вистински дом за стари лица. Се уверивме во кажувањата на многумина што ги користеле неговите услуги. Овде старите луѓе (бабите и дедовците) ги задоволуваат сите свои потреби. Секојдневно се следи здравствената состојба на корисниците на услугите. Она што на стариот човек најмногу му значи, тоа е односот кон него, а тоа овде најмногу го има.
|