Јанкулоска ги пофали медиумите за смирувањето на Кале
Полицијата немала работа, бидејќи не се случил ниту еден инцидент
„Пораз на политиката која наместо со понуда и програма за граѓаните, сака да се наметне преку конфликти. Пораз на политиката која наместо државен интерес промовира партиски и личен интерес“. Вака вчера министерката за внатрешни работи,Гордана Јанкуловска го оцени смирувањето на состојбите на скопско Кале, давајќи им големо признание на полицијата и на медиумите кои биле на „висина на задачата“. Таа смета дека со тоа што бил спречен секаков инцидент државата испратила порака дека „институциите имаат капацитет да ги решаваат проблемите“.
Мирно, но напнато беше викендот на скопското Кале. Саботата Скопје ја помина под силно полициско обезбедување, а тврдината беше речиси под „опсада“. На Калето и околу него беше мирно, но преполно со полицајци и припадници на специјалните единици. Блокирани беа сите влезови и се легитимираа сите што се качуваа во горниот дел од градот. Забележливо беше зголеменото присуство на полицијата и во други делови на градот каде што се одржуваа спортски настани.
И покрај стравувањата, сепак, не се случи реприза на минатонеделните случувања, кога во масовна тепачка меѓу групи млади луѓе од македонска и албанска националност беа повредени осум лица. Дали причина за тоа беше силното полициско присуство, заканите со ригорозни казни, многубројните апели за смирување на тензиите или, пак, едноставно процената дека нема потребно од такво нешто, како и да е –виртуелното повикување на „конечна пресметка“ не се случи. Се укинаа страниците што ширеа говор на омраза, но се појавија и нови.
На местото кое пред една недела беше главното средиште на тепачката и летаа камења и палки во одбрана и против изградбата на музејот-црква, беа само полицајците и полициските коли. Не се појавија групите кои во изминативе денови се „билдаа“ преку социјалната мрежа „Фејсбук“, а најавуваа продолжување на масовната тепачка што се случи минатата недела.
Стотина полицајци и специјалци ги обезбедуваа „комитите“ до спортската сала на Кале, за ракометниот натпревар меѓу „Вардар про“ и „Копенхаген“. По најавите за можни инциденти на Кале, беа ангажирани специјални единици на МВР.
Во вчерашното опширно соопштение издадено од МВР, потпишано од министерката за внатрешни работи, се потенцира дека не бил регистриран ниту еден насилен инцидент. А, освен физичкото присуство на полицијата, немало потреба од никаква интервенција, ниту примена на овластувањата.
„Бевме сведоци дека социјалните мрежи може да послужат и за ширење говор на омраза, предизвикување верска и етничка нетрпеливост и повикување насилство. Бевме сведоци на обиди да се креира страв и да се покаже дека не можеме да живееме едни со други и дека Македонија е небезбедна држава. Изразите крв до колена и египетските, туниските или некои други сценарија неслучајно почнаа да се појавуваат во одредени медиуми“, оценува Јанкуловска.
Министерката им се заблагодари на своите колеги од МВР за се' што презеле во изминативе седум дена, како оние што учествувале во истрагата и идентификувањето на учесниците во претходниот инцидент, така и оние што дејствувале превентивно. Односно, оние што навреме ја препознале опасноста од групите на „Фејсбук“ и ги алармирале нивните администратори. (Г.Д.)
|