Албанскиот сојуз се стопи во ДПА
ТЕТОВО - Албанскиот сојуз и Демократската партија на Албанците во иднина ќе дејствуваат како единствен политички субјект и под единствено име на досегашниот постар партнер - ДПА. Челниците на двете партии, Ваљон Беља и Мендух Тачи, официјално потпишаа договор за обединување. На чинот на потпишувањето присуствуваа членовите на двете највисоки тела на досегашните партии. Свеченоста заврши со коктел.
Според Тачи и Беља, „обединувањето на силите на двете досегашни политички партии претставува рационален епилог со кој се зголемува ефикасноста на националното политичко дејствување“. За единствената политичка платформа на обединетата партија и натаму како примарни задачи остануваат правичната застапеност на Албанците во институциите на системот, консензуално донесување одлуки, употребата на албанскиот јазик. Потоа, правична поделба на буџетот, нова територијална поделба, основање институции во функција на развој на албанските културни вредности, деетнизација на државните симболи - химната и грбот, концепт на секуларна држава и интеграција во НАТО и во ЕУ. (Г.Е.) |