8 Септември прославен и во Хрватска
Загреб - Денот на независноста на Република Македонија – 8 Септември беше прославен на достоинствен начин и во Република Хрватска. Местото на настанот беше Риека, каде што македонското друштво „Илинден“ од името на Заедницата на Македонците во Хрватска ја организира централната свеченост.
Во името на хрватскиот Сабор и на риечкото Градско собрание, на настанот присуствуваше Жељко Јовановиќ, потоа македонскиот амбасадор во Хрватска Данчо Марковски, претседателот на Заедницата на Македонците во Хрватска, Ангел Митревски, проректорот на Риечкиот универзитет, д-р Горан Калоѓера, како и многу Македонци кои дојдоа да го одбележат овој значаен датум од најновата историја.
Беше прочитан и реферат за значењето на 8 септември 1991 година. Потоа, претставниците на сите македонски друштва во Хрватска, високите гости и македонските хрватски пријатели, се задржаа во пријатно дружење во клубот на МК „Илинден“. (М.А.) |