Бродот „Илинден“ потонал и за време на Втората светска војна?
Петар Трајковски од Скопје тврди дека бродот бил потопен во напад на фашистичките сили
Бродот „Илинден“, кој во саботата во смрт однесе 15 бугарски туристи, потонал вторпат. Ова за Радио Охрид вчера го изјави Петар Трајковски од Скопје, кој на почетокот од Втората светска војна бил во Охрид. Според него, бродот „Илинден“, на почетокот на фашистичката окупација на тогашното Кралство Југославија, бил потопен кај Свети Наум, во напад на здружените германско-италијански фашистички сили. Бродот тогаш пловел под името „Крал Петар“ и бил дел од воената флота на Кралството Југославија.
Според сведочењето на Трајковски, првото тонење на охридскиот „Титаник“ се случило многу брзо. Кратко време по потопувањето бродот бил изваден, реставриран и повторно ставен во употреба.
Во меѓувреме, во Охрид се' уште останува неразјаснета дилемата кога ќе биде извлечен бродот „Илинден“ од езерското дно, по саботната несреќа во која се удавија 15 туристи од Бугарија кај кампот „Елешец“. Според едни претпоставки, тој ќе биде извлечен по добивањето на понудите од неколку специјализирани фирми од Хрватска и од Србија, а според други најави, тоа би требало да се случи за четири дена.
Од мешовитата комисија составена од по тројца експерти од Македонија, Бугарија и од Хрватска се дознава дека тие ќе го сугерираат најквалификуваниот понудувач, а трошоците ќе ги сноси Министерството за транспорт и врски. Точниот датум на извлекување на бродот ќе биде утврден по склучувањето договор со избраната фирма, во кој е наведено и потребното време специјалната опрема да биде донесена во Охрид.
Во недостаток на официјални информации од надлежните македонски органи се дознава дека ќе биде применета техника со балони, кои ќе бидат поставени под и околу бродот и со нивно полнење со воздух пловилото ќе биде извадено на површината. Засега не се знае дали по извлекувањето бродот ќе биде изваден на суво на брегот кај автокампот „Елешец“ или на некоја друга локација за да се направи детален преглед за утврдување на причините за несреќата.
Потонатиот брод „Илинден“ се' уште се наоѓа на местото на несреќата на 200 метри од брегот кај автокампот „Градиште“ на длабочина од шест до седум метри. Тежината на бродот е 54 тони, а наполнет со вода сега тежи околу 55 тони, товар што може да се подигне само со наменска и проверена современа опрема. Извлекувањето на „Илинден“ на суво и експертизата треба да ги потврдат или да ги демантираат сомневањата за причините за неговото потонување. Неофицијално, како причини досега се спомнуваат кинењето на сајлата што го поврзува кормилото со пропелерите, преоптовареноста и новата втора палуба за која се смета дека ја нарушува стабилноста и затоа бродот брзо потонал.
Мораториум на комплетниот езерски сообраќај на Охридското Езеро вчера побара едриличарскиот клуб „Пампур“, укажувајќи на низа пропусти и непочитување на меѓународните стандарди и на Законот за внатрешна пловидба. Клубот напомнува дека на Охридското Езеро „речиси нема ознаки за пловни патишта, нема некакви наутички ознаки на влезот во Капетанијата, речиси нема светилник неопходен за ноќна пловидба“.
„Не постои никаква наутичка карта на Охридското Езеро со назначени дозволени сидришта, места каде што е забрането пристанување, подводни опасни места, длабочини, еколошки предупредувања“, укажуваат од ЕК „Пампур“ со соопштението до јавноста. Тие го цитираат и член 43 од Законот за внатрешна пловидба, според кој, бродот може да превезува само определен број патници, чиј број и сместување се одредува врз основа на пропишаните услови, пловните својства на бродот, расположливата површина за сместување на патниците, уредите и опремата наменети за патниците и хигиенските услови.
„Со спроведување редовна контрола на бродските дневници, фискалните апарати, пријавените приходи, може да се провери колку пати оваа одредба е прекршена“, реагираат од едриличарскиот клуб. Од „Пампур“ прашуваат зошто на бродовите со македонска државна припадност не се вее македонско знаме, што е обврска.
„Охридското Езеро можеби е единствено туристичко езеро во Европа каде што нема организирано пристаниште. Непостоењето на ваков објект каде што чамците, едрилиците и бродовите ќе пристануваат, редовно ќе се сервисираат и ќе полнат гориво на прописна бензинска станица само го зголемува хаосот“, велат од клубот. (С.И.-Г.А.)
|