И уставите се печатат на рачно изработена хартија

Уметникот Симон Шемов изложуваше во Нирнберг, градот на хартијата
Катерина Богоева
Македонскиот ликовен уметник Симон Шемов и неговиот германски колега Ханс Херпих, месецов што измина во Културниот центар при компанијата „АЕГ’, во Нирнберг, се претставија на заедничка изложба во организација на градот и Националната галерија на Македонија. Шемов, кој инаку е пензиониран професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде предаваше уметност на хартија и на студентите им ги откриваше тајните на нејзината рачна изработка, континуирано низ различни форми на едукација и денес го пренесува знаењето за неа. Најголем дел од неговото ликовно творештво е врзано со овој вид хартија што самиот ја изработува.
Во еколошки освестената држава, тој на изложбата „Текстил, хартија“ презентираше селектиран ретроспективен избор на триесеттина свои дела, а во разговорот кој го водевме на крајот на минатата работна недела, два дена пред нејзиното затворање, посочи на третманот на овој вид хартија кај нас и во Нирнберг, како и на се поголемата заинтересираност за неа од страна на домашните државни институции . Изложбата на двајцата неуморни автори, Шемов кој се занимава со хартија, а Ханс Херпих со текстил, идната година ќе биде пренесена и во Македонија.
Таа според Шемов е еден вид признание и благодарност за реализираната универзитетска соработка меѓу двата збратимени града, Скопје и Нирнберг за која во голема мера придонеле тој и Херпих, кој исто така е активен професор во пензија.
„Ханс Херпих изложи објекти и мали експонати од текстил. Тој се служи со компјутерска обработка на текстилот и многу е интересно тоа што го прави. Предаваше уметност на текстил на Академијата за ликовни уметности во Нирнберг, каде беше и декан, а на заедничката изложба се претстави со личен избор на работи создавани повеќе години наназад, но и сега. А јас презентирав како и тој, висечки инсталации од класично опремени дела од хартија“, рече тој.
Откри и дека неговиот колега Херпих кој со своите дела е познат и во македонската јавност, во овој период реализира проекти во повеќе земји во светот. Во Гватемала работи со тамошните училишта, соработува во проекти организирани во Истанбул, а комуницира на уметнички план и со Краков.
„И јас исто така се обраќам на многу многу места. Контактирам со Германија, претходно и со Универзитетот за ликовна уметност во Истанбул, а ќе продолжам со тамошните изложбени институции. Додека бев во Нирнберг по повод изложбата, ми се обратија за совет неколкумина мои поранешни студенти со кои таму соработував и кои повремено доаѓаа и во Македонија. Дел од нив се скулптори заинтересирани за скулптури од хартија, а пак млади уметници што изложувале во Скопје, побараа да направам изложба во одредени нивни простори. Не ветив ништо бидејќи во овој период, но и идната година ќе имам многу ангажмани, а соработката ќе продолжи“.
Во периодот од 2000 до 2003 година, нирнбершката Академија за ликовни уметности била контрактор за реализирање на проект посветен на рачно изработена хартија во кој учествувале и Факултетот за ликовни уметности од Скопје и интернационалната Графичка висока школа од Венеција. Во тој период, а и подоцна Симон Шемов престојувајќи во Нирнберг имал можност да се запознае со како што вели, германскиот култ за штедење, со односот на граѓаните кон заштитата на животната средина.
„Педесет проценти од хартијата која се користи во Нирнберг е рециклирана.Тој град е нејзино култно место. Преку него Европа прв пат добила хартија во 14 век, а таму и денес се посветува огромно внимание на конзервацијата и реставрацијата на хартијата. Бидејќи сум член на меѓународното здружение на научници и уметници изработувачи на рачно изработена хартија, знам дека таму има повеќе уметници кои се занимаваат со изработка на дела од неа“.
Симон Шемов заедно со студенти кои завршиле на насоката на која тој предаваше рачна изработка на хартија, во изминатиов период соработуваат со повеќе помали институции, вршат презентации, јавни претставувања од различен карактер.
„Тоа го направивме и со основните училишта преку НУБ „Свети Климент Охридски“, но се покажа дека не е доволно и дека за овој вид хартија постои интерес и кај возрасните уметници, кај дизајнерите, како и кај разни љубители на таа техника на изработка. Така почнавме да држиме курсеви и за нив кои ќе продолжат и есенва во НУБ“.
Идната година тој на најавената изложба со Херпих во Македонија, планира да презентира поголем број експонати отколку во Нирнберг но, посочи и дека ќе биде одржана и демонстрација и презентација на европскиот и ориенталниот начин на изработка на рачно правена хартија. Напомена дека од различни аспекти може да се набљудува зголемениот интерес за неа. Еколошкиот, очекувано, го смета за многу важен.
„Ги учиме децата како да не растураат хартија, да ја собираат, рециклираат и да прават нешто што ќе биде во состав на училишната програма и на нивниот поширок интерес: плакати, тетратки, печатени информации од различен карактер, пишувани објекти од хартија др. Другиот аспект од едукацијата е како да се научи да се прави најквалитетна хартија, онаа што не може да се најде во продавница, што се изработувала многу одамна со квалитет со кој ја користеле само кралските, царските, фараонските и другите институции за државни цели.
Во таа смисла и нашата хартија делумно се користи за целите на институциите од државата. Од нас се порачува хартија за важни документи од државен карактер, за сообраќајот на дипломатска пошта од повисок ранг, а нашите студенти тоа и го прават. Таквата хартија може да се сретне во Министерството за надворешни работи. На таква хартија беше и првиот предлог текст со писмо што го однесе поранешниот претседател Бранко Црвенковски во Ирска, при кандидатурата на Македонија во ЕУ. И уста��ите на државите, обично, се печатат на таква, највисоко квалитетна хартија, по можност да биде рачно изработена. Знам дека е таков и американскиот устав и затоа при познатото распаѓање на хартијата во Конгресната библиотека во Вашингтон, тој не се распаднал. Воопшто не бил оштетен, за разлика од сите други материјали кои биле дадени на реставрација и конзервација. Да споменам и дека при изборот на сегашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов, ДИК од нас побара таква хартија за да му честита, а има други случаи кои покажуваат дека интересот на државните институции за таквата хартија се зголемува. Но, се зголемува и интересот на оние што се занимаваат со дизајн на хартија. Се разбира, луѓето денес не знаат се' уште што се значи хартијата, бидејќи таа е насекаде и лесно е достапна.
Но, во одделот за конзервација на хартија во НУБ, има се' повеќе документи од државен карактер што се многу оштетени, а и приватниците почнуваат да се интересираат за заштита на некои свои стари книги“, рече ликовниот уметник, Симон Шемов. |