„Охридско лето“ со богатство од музички и драмски доживувања

Рускиот пијанист од светски глас, Алексеј Володин, беше одушевен од „Света Софија“, од Охрид и од публиката
Веле Митаноски
Охрид - Програмата на „Охридско лето“ синоќа продолжи со уште две претстави, музичка и драмска. Во „Света Софија“ се одржа традиционалниот концерт на Музичката младина на Македонија, додека љубителите на театарот, по подолга пауза, повторно се вратија во атрактивниот Антички театар. Актерите на Истарското народно казалиште од Пула на атрактивниот отворен простор ја изведоа Еврипидовата „Електра“ на режисерот Дамир Златар Фреј.
Утре, на истиот простор, во редовниот термин, од 21 часот, со македонскиот гитарист Влатко Стефановски и виолинистот Стефан Миленковиќ од Србија, некогашното „чудо од дете“ што ги полнеше сцените во Охрид. Настапот се најавува како ексклузивен концерт на двајца виртуози, концерт на кој се спојуваат световите на класичната и на рок-музиката, како вистинско уметничко доживување со многу динамика и ритмички изненадувања, кои по на три пати преполниот „Сава центар“ во Белград, конечно ќе се одржи и во Охрид.
Во саботата во „Света Софија“ фестивалот на публиката и понуди еден од најексклузивните гости годинава, пијанистот и виртуоз од светски глас, Алексеј Володин од Русија. Во преполната дворана, Володин изведе рецитал од две сонати на Бетовен ( бр.18 и бр.8 ), збогатен со концертна суита од балетот „Оревокршачка“ на Чајковски, што е негов познат аранжман, како и со сонатата бр.2 од Капустин.
Музичкиот селектор на „Охридско лето“, Гордана Јосифова - Неделковска, претходно го најави Володин, како еден од врвовите на годинешната програма и како исклучителна можност македонската публика да ужива во неговата извонредна изведба, што и се случи.
Самиот изведувач, маестро Володин, не штедеше зборови за фестивалот „Охридско лето“, за публиката, за Охрид, а особено за акустичноста на „Света Софија“.
„Знаев дека станува збор за фестивал со светско реноме, на кој настапиле врвни светски пијанисти, како Рихтер Свјатослав, Чиколини Алдо, Грегориј Соколов, Михаил Плетњов, Борис Березовски, Бери Даглас и многу други. Освен тоа, концертот се одржува во прекрасниот амбиент на црквата ’Св. Софија‘ во градот за кој сите зборуваат во суперлативи. Најважна од се' е публиката, онаа која е со мене на концертот, бидејќи заедно учествуваме во истиот процес, само од различни агли“, прецизираше големиот пијанист.
Рускиот виртуоз Володин поседува сопствен изведувачки манир заснован на јасен, издржан пристап кон делата од различни стилови и епохи. Своето пијанистичко образование го стекнал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, во класата на истакнатата пијанистка Елисо Вирсаладзе, а студирал и на музичката Академија во Италија, сместена на езерото Комо. Брзиот растеж на меѓународната кариера на Володин започна после победата на конкурсот „Геза Анда“ во Цирих, Швајцарија.
Критичарите пишуваат за неговото неверојатно техничко мајсторство, исклучителната дарба за интерпретација, убавината на тонот и сеопфатноста на репертоарот. Алексеј Володин постојано настапува со најпознатите светски оркестри, а соработува и со прочуените диригенти, како: Валериј Гергиев, Владимир Федосеев, Михаил Плетњов, Лорин Маазел и други.
Од претставите што се одржаа викендов, внимание предизвика и софискиот „Сфумато театар“ со Шекспировата „Зимска бајка“ во режија на Маргарита Младенова. Поради времето, изведбата беше преместена од предворјето на „Света Софија“, во затворен простор во Центарот за култура „Григор Прличев“, каде не изгуби многу од замислата на режисерот, особено со впечатливата сценографија и модерни костими. За жал, начинот на кој актерите го искажуваа говорот, создаваше потешкотии во восприемањето на Шекспировиот текст. Организаторите се погрижиле на кајронот да пуштат превод на англиски, но не и на македонски јазик. |