Кампањите малку влијаат на гласачите
До денот на изборите нема веќе објавување анкети. Во сите убедливо води Иванов
Оливера Војновска
Агенциите за испитување на јавното мислење ги објавија последните анкети и од утре, па до денот на гласањето – недела, 22 март, нема да можат да објавуваат истражувања поврзани со изборите. Оние што се занимаваат со вакви анализи не гледаат ништо проблематично во законското ограничување - пет дена пред избори да не се објавуваат анкети. Иако додаваат дека анкетите не би смениле нешто спектакуларно во расположението на граѓаните.
Од агенциите посочуваат дека резултатите од неколку последователни анализи во предизборието не покажуваат некакви амплитуди или скокови во популарноста на кандидатите. Според последните анкети, најголема поддршка за претседателските избори ужива кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, двапати помалку испитаници се определуваат за фаворитот на СДСМ и НСДП, Љубомир Фрчкоски, трет е Имер Селмани од Нова демократија, а потоа се независниот Љубе Бошкоски, Агрон Буџаку - ДУИ, Нано Ружин - ЛДП и Мируше Хоџа - ДПА.
Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“ вели дека не е страшно тоа што пет дена пред избори нема да се објавуваат анкети. Според него, во Македонија кампањата нема големо влијание во определувањето на гласачите.
„Кампањата повеќе влијае на тоа да ги извади неопределените на гласање, а не толку на промената на расположението. Неопределените гласачи најчесто сразмерно се определуваат, така што не се менува соодносот на гласовите, па затоа резултатите од изборите се совпаѓаат со анкетите“, смета Спасов
Агенцијата „Рејтинг“ вчера ја објави телефонската анкета спроведена во периодот од 12 до 14 март, во која биле опфатени 1.080 граѓани. Најголем процент од испитаниците се определиле за Иванов - 29 отсто, за Фрчкоски 14 отсто, за Селмани 12 отсто, за Бошкоски 8 отсто, за Буџаку 6 отсто, за Ружин 4 отсто и за Хоџа 3 отсто. На прашањето колку од изборната кампања ќе зависи за кого ќе гласате, 71 отсто одговориле - нема да зависи воопшто, 21 отсто одговориле - малку, а 8 отсто одговориле - многу.
Испитувањето покажало дека голем број граѓани не ја следат изборната кампања со особен интерес (со голем интерес - 51 отсто, само одвреме-навреме - 38 отсто, воопшто не ја следат 11 отсто).
Според процените на Агенцијата, може да се очекува одѕивот на овие избори да не биде повисок од 55 отсто, односно во првиот изборен круг да излезат само околу 900 илјади избирачи. Тоа би бил најнизок одѕив на избирачите од првите парламентарни избори до денес, па во „Рејтинг“ се на мислење дека би можел да го загрози успехот на претседателските избори во вториот изборен круг, за чија валидност е потребно да излезат 40 отсто од запишаните избирачи или 720 илјади од нив.
Жидас Даскаловски од Центарот за истражување и креирање политики вели дека испитувањата не покажуваат битни разлики во расположението на јавното мислење.
„Анкетите реално го отсликуваат расположението и го погодуваат резултатот од изборите. Ретко се случуваат пресврти како пред неколку години во Србија“, вели Даскаловски. Тој анализира дека во неколку анкети второто место според бројот на гласачи не му припаѓа на Фрчкоски, туку на Селмани. Така што, според него, токму лидерот на Нова демократија би можел да биде големото изненадување на овие избори. „Изборот на Селмани за претседател на државата станува доста реален и покрај тоа што партиите на Албанците предложија свои кандидати за да ги поткопаат неговите шанси“, смета Даскаловски.
Владимир Божиновски од Институтот за демократија вели дека не им пречи ваквото законско решение. Иако, според него, поадекватно е решението прифатено во повеќе земји анкетите да се објавуваат до изборниот молк - 48 часа пред гласањето. „Десет години правиме анкети, резултатите покажуваат дека нема осцилации, односно некаква голема промена на расположението на граѓаните“, вели Божиновски.
Ѓорѓи Кимов од Агенцијата „БРИМА Галуп“, која ги прави истражувањата за Американскиот републикански институт - ИРИ, вели дека споменатото ограничување за објавување анкети одговара на вкупната клима во државата. „Кај нас генерално недостасуваат толеранција и подготвеност за соочување со реалноста, тоа се отсликува и во партиите, па во предизборието имаме високо тензична атмосфера“, вели Кимов. |