Не се испитува присуството на канцерогени материи во бебешката козметика
Невладините организации во САД кренаа врева за диоксини и формалдехид, а во Македонија воопшто не се испитува
Надлежните институции не знаат дали козметичките препарати за бебиња што се продаваат во нашата земја ги содржат канцерогените состојки диокисини и формалдехид, за кои невладините организации во САД кренаа врева за да ја заштитат најмладата популација. Во Македонија присуството на овие супстанци воопшто не се испитува. Но, и покрај ова, од Санитарната инспекција сметаат дека сите бебешки производи што се увезуваат во земјава се здравствено исправни.
„Сите производи кои се увезуваат се контролираат и резултатите што ги добиваме од лабораториите на Републичкиот завод за здравствена заштита не покажуваат никакви отстапувања“, ни изјави д-р Љубица Гијачо, раководителка на Одделот за пограничен инспекциски надзор при Републичкиот здравствено-санитарен инспекторат. На прашањето дали во бебешките препарати се испитува и содржината на диоксините и формалдехид, сепак, таа не' преупати на РЗЗЗ. Според д-р Гијачо, засега немаат добиено никаков официјален документ за тоа дека во бебешката козметика има канцерогени материи.
Според објаснувањето добиено од Републичкиот завод за здравствена заштита, во Правилникот за здравствена исправност на бебешките производи не е предвидено да се испитуваат и овие состојки, иако тој е изменет во 2007 година. „Засега се испитува тоа што е законски зацртано“, ни рече Катица Старкоска, раководителка на Одделот за контрола на лекови при РЗЗЗ, која не објасни како кај нас не се испитуваат овие супстанци кои во САД се бара да се отстранат од бебешките производи, а според американските медиуми во Европа се и забранети.
По алармот што се вклучи во САД за бебешката козметика, меѓу која и онаа за „Џонсон и Џонсон“, и во нашата земја, најверојатно, ќе направат акција за проверка на канцерогените материи во бебешките производи. „За да ги заштитиме бебињата, ќе мора да направиме проверки“, велат од Здравствено-санитарната инспекција. Истражувањето направено во САД покажало дека од 48 тестирани козметички производи, дури 17 ги содржеле овие две канцерогени материи што предизвикуваат реакции на кожата кај бебињата, но и кај возрасните, а кои се нуспродукти на база на петролеј. (Ј.Ј.) |