Германија веќе не дава пари за азиланти
Берлин - Српските граѓани минатиот месец поднеле 1.159 барања за азил во Германија, на второ место се наоѓа Македонија со 512 барања, а на трето место е Авганистан со 494 барања, соопшти вчера германското Министерство за внатрешни работи.
Прашањето за поднесување барања за азил од Србија, кои по визната либерализација драстично се зголемија, е една од актуелните билатерални теми. Од германска страна е отворена можноста за повторно воведување визи за Србија, но и за Македонија.
Германските надлежни служби нагласуваат дека барањата што доаѓаат од Србија, која се оценува како земја со стабилен развој, немаат никакви можности за успех и оти Германија не сака повеќе да дава државна помош за враќање на одбиените азиланти.
Според германските медиуми, Министерството за внатрешни работи на Германија верува во нормализирањето на состојбата во однос на барањата за азил .Со укинувањето на финансиската помош на оние што бараат азил, наменета за нивно враќање, состојбата повторно ќе се нормализира, нагласува Сојузното министерство за внатрешни работи во Берлин.
Според информациите објавени од списанието „Фокус“, подносителите на барања за азил од Србија и од Македонија, кои се одбиени, пред германските власти изјавиле дека пристигнале во Германија како туристички групи, со автобуси, со цел да дојдат до парите од државната програма за помош. Голем дел од нив, според списанието, не барале азил, туку само пари за враќање, бидејќи Германија за доброволно враќање на одбиените азиланти плаќала не само патнички трошоци, туку и „почетна помош“, што за семејство со четири деца изнесува повеќе од 2.500 евра. (MИA) |