Модни дизајнери
Палта во дречливи бои за жени што оставаат впечаток
Како да се остане доследен на својот стил, а притоа да не се игнорира трендот, откриваат модните дизајнери Никола Ефтимов и Росица Мршиќ
Валентина Тодоровска
Зимата календарски официјално не е почната, но веќе ги облекуваме палтата и јакните, се „вооружуваме “ со капи, шалови, ракавици. Што е актуелно за периодот што следи, која е предноста на класичните палта, ќе се носи ли крзно годинава и доживува ли пончи ренесанса, се теми на кои дадоа свои видувања дизајнерите Никола Ефтимов и Росица Мршиќ.
„Уште на крајот на претходната сезона, модните експерти ги потенцираа силната силуета и софистицирниот гламур како клучни фрази за актуелната сезона“, вели Никола Ефтимов. „Инаку, од многуте предложени тенденции и богатата модна понуда, јас би ги издвоил колоритните седумдесетти и диско-стилот од осумдесеттите години на минатиот век, „машкиот“ француски шик и војничките униформи што припаѓаат на различни епохи.
Ефтимов вели дека со потпунки истакнатите раменици се' уште ја карактеризираат конструкцијата на палтата и кошулите а покрај традиционалните „зимски” матријали, ( твидот) , сезонава ќе биде актуелен џинсот во повеќе нијанси и доработки. Волнените плетки даваат добра заштита од зимските студови, а сезонава тие ќе бидат со истакнати, рељефни мотиви. Крзното (природно и вештачко) го има не само во облеката, туку и во обувките и модните додатоци. „Јети” изгледот, актуелен и минатата зимска сезона, го должи својот назив на употребата на овие материјали. Алтернатива на крзното се долгите реси.
Освежување за тмурните денови и лошата економска ситуација, а покрај карактеристичните неутрални бои, во претстојната сезона ќе дадат блескавите материјали и детаљите што припаѓаат на различните етно традиции. Декоративните и утилитарни ракавици се дел од клучните модни додатоци за зимските месеци, а од обувките - високите и тесни чизми.
- Во услови на глобална економска криза, потребата за новитети во гардеробата би можела да биде задоволена со креативен ангажман околу изработката на уникатни парчиња облека.Токму затоа пончото, чиј настанок се врзува за древните народи што ја населувале територијата на Андите, е добар избор за есенските и зимски денови, вели Ефтимов.- Традиционално се изработува од волна, но би можело да биде и од синтетски субститути на овој материјал . Доколку е направен од водоотпорни материјали, покрај заштитата од студ, овозможува заштита и од дождот. Иако пончото има релативно стабилизираната форма, во неговата изведба можни се варијанти во боите, текстурите и декоративните елементи. Етно инспирацијата е постојано актуелна, па вештите раце можат да го направат ова парче на облека како освежување на урбаното сивило, а за поумерените конзументи на модата, би препорачал монохроматски решенија.“
Модната дизајнерка Росица Мршиќ смета дека вистинските помодарки во новата зимска сезона навистина имаат што да одберат за студените денови- од класичниот “military” капут, веќе етаблираниот “trench” мантил, или познатиот “care” од 60те години, до безвременскиот “camel” мантил, кој дава посебен класична нота во изгледот. Она што е сосема ново во трендовскиот израз од оваа сезона се капутите во боја на фуксија, јака жолта, индиго или црвена- храбар избор за секоја жена која сака да остави впечаток.
- Бирањето на капутот е одлука пред која треба да се земат во предвид повеќе фактори- пред се стилот на личноста, какви парчиња облека веќе се наоѓаат во плакарот, намената за која се купува , и дали се надополнува веќе постоечкиот избор од капути, вели Росица.- Со оглед на тоа дека капутот е парче од гардероба што најмалку се менува и најчесто се носи повеќе сезони, треба внимателно да се одбере. Иако најчесто сме под влијание на изборот од тековните трендови кои се нудат во продавниците, не значи дека треба и да се следат само затоа што се актуелни во таа сезона. Најдобро е да се размислува каков тип на капут најдобро би прилегал на останатиот дел од гардеробата. Капутот го заокружува нашиот изглед и најмногу зборува за нашиот стил.
Росица знае дека волната е најтоплиот пријател за зимските денови. Капутите изработени од волнени материјали се сигурна инвестиција за повеќе сезони а кројот е менлив и секоја сезона се присутни нови и различни форми. Најдобро е кројот да се прилагоди на формата и силуетата на телото- на тој начин може да се истакне привлечното, а кога е потребно, да се сокријат недостатоците. Класичниот крој прилега скоро на секоја жена и може да биде носен повеќе сезони. Црната боја е непогрешлив избор и секоја жена би требало да има барем еден црн капут во својот плакар.
- Предноста на боите, посебно на силните е тоа што ве прави препознатливи и ја покажува вашата смисла за посебност и храброст во искажувањето на стилот. Но во исто време треба внимателно да се одбира со што ќе се комбинира со ваков карактеристичен капут- за да не се пренатрупа севкупниот изглед, заврши Росица Мршиќ. |